Норвешкиот ски-скокач Халвор Егнер Гранеруд е победник на 71 Новогодишна турнеја „Четири скокалници“, откако триумфираше на последната четврта станица во Бишофсхофен, Австрија.
Гранеруд славеше со вкупно 1.191 поен, триумфира на три од четирите скокалници, а не триумфира само во Инсбрук, каде што најдобар беше Полјакот Давид Кубацки.
Второто место во рангирањето го освои Кубацки со 1.158 поени, додека на третото место се најде Словенецот Анже Ланишек со 1.129 поени.
Гранеруд на тој начин ја донесе првата победа на Норвешка на Новогодишната турнеја по 2007 година, кога славеше Андерс Јакобсен.
Во Бишофсхофен Гранеруд ја забележа 17 победа во Светскиот куп со скокови од 139,5 и 143,5 метри.
Ланишек на денешниот натпревар го освои второто место (140,5 и 139 метри), а Кубацки третото (135,5 и 140 метри). Светскиот куп ќе продолжи на 15 јануари во Закопане, Полска.