Актуелниот претседател на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин ќе биде единствен кандидат за прв човек на евро-фудбалот на изборниот конгрес на почетокот на мај годинава.
Словенецот е претседател на УЕФА од септември 2016 година и сега третпат се кандидира за нов четиригодишен мандат.
Како што соопшти УЕФА, на крајот на рокот за пријавување, кој истече во четвртокот, 55-годишниот Чеферин е единствениот кандидат за функцијата претседател.
Претседателот на Фудбалската федерација на Франција, Ноел ле Грае е кандидат за реизбор за европски претставник во Советот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), а противник ќе му биде португалскиот колега Фернандо Гомеш.
Изборниот конгрес е закажан за 5 мај 2023 година во Лисабон, Португалија.