Денешното гостување кај Вилјареал ќе биде запишано во историјата на Реал Мадрид, како прв натпревар на кој немало ниту еден шпански фудбалер во првите единаесет.
Клупската историја на Реал е долга 121 година, но никогаш досега не се случило да нема барем еден шпански играч на теренот од првата минута. Интересно е што и тренерот Карло Анчелоти е странец.
Во денешниот состав на „кралскиот клуб“ има тројца Французи, двајца Бразилци и Германци и по еден Хрват, Австриец, Уругваец и Белгиец или вкупно седум различни националности.
Карвахал и Асенсио беа најблиску до стартниот состав, но останаа на клупата, па Карло Анчелоти се реши за прв тим без Шпанец, што досега се нема случено на 4435 натпревари на екипата.
„Марка“ одбележува дека досега се има случено во еден момент од дуел да нема шпански играч во тимот на Реал, како на пример на средбата против Шериф во ЛШ, но меѓу стартерите бил Лукас Васкез.