Реал поразен на гостувањето против Вилјареал

Реал Мадрид претрпе пораз од 2-1 на гостувањето против Вилјареал, губејќи значајни бодови во борбата за титулата со Барселона. Тимот на Карло Анчелоти беше далеку од посакуваното ниво, му дозволи на противникот да доминира, а Вилјареал покрај двата гола имаше уште неколку стопроцентни шанси што домашните фудбалери не ги реализираа.

„Жолтата подморница“ уште од самиот почеток јасно стави до знаење дека нема намера да се брани, откако Кокелан во четвртата минута ја затресе гредата од голот на Куртоа. Двата тима имаа свои шанси до крајот на првото полувреме, а најубавата ја пропушти гостинскиот голгетер Винисиус, кога излезе очи в очи со Пепе Реина, но не успеа да го матира искусниот голман на домаќините.

Самиот почеток на вториот дел го донесе и првиот гол на мечот, откако Менди со лошо додавање им ја подари топката на домаќините, таа стигна до Пино кој прецизно шутираше, а на патот до мрежата топката го удри Менди и заврши зад гол-линијата.

Реал Мадрид стигна до израмнување во 60. минута од пенал, откако ВАР-анализите покажаа дека Фојт играл со рака по едно додавање до Винисиус, по што Бензема биеше прецизно од белата точка. Три минути подоцна главниот судија досуди нов пенал, овојпат за Вилјареал откако Алаба несмасно падна и ја удри топката со рака во сопствениот шеснаесетник.

Жерар Морено мајсторски го совлада Куртоа за водство од 2-1 што Вилјареал го задржа до самиот крај, за заслужена победа над актуелниот шампион на Шпанија.

Реал Мадрид падна на второто место со 38 бодови колку што има и Барселона која утре на гостински терен кај Атлетико Мадрид го игра мечот од ова коло.

Денешното гостување кај Вилјареал ќе биде запишано во историјата на Реал Мадрид, како прв натпревар на кој немало ниту еден шпански фудбалер во првите единаесет.

Треба да знаете
Последни објави