Јокиќ со нов трипл-дабл испиша историја во НБА

Никола Јокиќ го запиша јубилејниот 10-ти трипл-дабл сезонава и 86-ти во кариерата во победата на Денвер над Кливленд од 121-108, со што Нагетси се вратија на врвот во Западната конференција на НБА лигата.

Двократниот МВП овојпат постигна 28 поени со 15 скока и 10 асистенции, а Денвер дојде до десеттата последователна победа на домашен терен, вкупно 12-та во последните 15 натпревари.

Јокиќ на тој начин постигна уште едно историско остварување. Тој стана само четвртиот играч во историјата на најсилната лига во светот со 10 трипл-дабл ефекти во шест различни сезони, по Оскар Робертсон, Меџик Џонсон и Расел Вестбрук.

Феникс го претрпе и петтиот пораз во низа, губејќи пред своите гледачи од Мајами со 96-104. Уште поголем пораз од слабите резултати се повредите на клучните играчи на „сонцата“, кои по Букер денеска останаа на извесно време и без помошта на Крис Пол, кој заработи повреда на колкот и ја напушти играта во првото полувреме, повеќе не враќајќи се на теренот.

ЛА Лејкерс се во одлична форма и ја освоија четвртата последователна победа совладувајќи ја Атланта со 130:114 со 25 поени, 10 асистенции и седум скока на Леброн Џејмс и сега се на само две победи од плеј-ин позицијата.

Резултати:
Индијана – Портланд 108:99
Филаделфија – Чикаго 112:126
Њу Орлеанс – Бруклин 102:108
Торонто – Њујорк 108:112
Милвоки – Шарлот 109:138
Сан Антонио – Детроит 121:109
Оклахома Сити – Вашингтон 127:110
Денвер – Кливленд 121:108
Минесота – ЛА Клиперс 128:115
Феникс – Мајами 96:104
ЛА Лејкерс – Атланта 130:114

Треба да знаете
Последни објави