Претседателот на фудбалската федерација на Франција (ФФФ), Ноел ле Грет, се извини денеска поради изјавите поврзани со поранешната фудбалска ѕвезда и кандидат за местото селектор на француската репрезентација Зинедин Зидан.
Ле Грет во обраќање до јавноста лично му се извини на Зидан и рече дека неговите изјави биле „неумесни и како последица предизвикале големо недоразбирање”
„Сакам да се извинам поради овие забелешки кои на ниту еден начин не го претставуваат моето мислење за него и не ја намалуваат важноста на неговата фудбалска кариера и сегашниот успешен тренерски ангажман. Зидан беше кандидат за селектор на Франција доколку Дидие Дешамп замине од клупата. ФФФ потоа објави дека Дешамп, светскиот првак од 1998. како играч и 2018. како тренер го продолжи договорот до крајот на 2026 година”, изјави Ле Грет.
Гостувајќи во емисијата „Бартоли тајм” на Радио РМЦ Спорт кај прославената француска тенисерка Марион Бартоли, претседателот на ФФФ објасни зошто е одлучено Дешамп да остане селектор на Франција, изнесувајќи притоа неумесни коментари на адреса на Зидан.
„Не би му се јавил на Зидан на телефон доколку ме побара. Што да му речам? Добар ден господине, барајте некој друг клуб, ние само што се договоривме со Дешамп. Зидан во Бразил? Не ме интересира. Тој работи што сака, тоа не е моја работа. Никогаш не сум се сретнал со него. Никогаш не сме размислуваме да ја прекинеме соработката со Дешамп”, рече Ле Грет.
Неговата изјава наиде на критики од францускиот репрезентативец Мбапе кој објави на социјалните мрежи оти никогаш не криел дека Зидан е неговиот идол.
„Зидан е Франција. Не можеме така да не ја почитуваме легендата”, напиша Мбапе на својот профил на Твитер.