Мекиќ го напушти МЗТ Скопје, Американецот Кук негова замена

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром го донесе во своите редови Американецот Кеандре Кук на местото на репрезентативецот Адем Мекиќ, кој доби дозвола да го напушти клубот поради трансфер во странство.

– Адем Мекиќ од денеска и официјално не е член на МЗТ Скопје Аеродром, откако му беше одобрено барањето за раскин на договорот поради желба првпат во кариерата да се проба во клуб надвор од Македонија. Станува збор за кошаркар „израснат” во нашиот клуб, со кој дојде до пет шампионски титули и три трофеи во Купот на Македонија, поради што му излеговме во пресрет и му посакавме среќа во обидот да ја почне интернационалната кариера, соопшти клубот од Аеродром.

Неговото место во ростерот ќе го пополни 25-годишниот Кук, кој потпиша договор со МЗТ Скопје до крајот на сезоната, а во редовите на македонскиот шампион доаѓа од францускиот прволигаш АДА Блус.

Тој денеска треба да пристигне во Скопје, а дебито во сино-белиот дрес се очекува за следниот понеделник на гостувањето во Белград против Партизан, во рамки на 15 коло во АБА лигата.

Треба да знаете
Последни објави