Аргентинскиот селектор Лионел Скалони вели дека се надева дека Лионел Меси ќе игра фудбал и на следното Светско првенство во 2026, кога „албиселесте“ ќе ја бранат титулата освоена во Катар.
Меси, на 35 години, конечно го оствари својот мундијалски сон, преводејќи ја Аргентина до титулата во Катар, а по турнирот вети дека ќе продолжи со репрезентацијата, иако не е јасно уште колку ќе биде активен фудбалер. Меси ќе има 39 години кога ќе се игра следното СП во Мексико, Канада и САД и Скалони смета дека тој може да биде вклучен.
„Мислам дека Меси може да стигне до следното Светско првенство. Многу работи зависат од тоа што тој сака да прави и од тоа дали ќе се чувствува добро. Вратата на репрезентацијата секогаш ќе биде отворена. Ако е среќен на теренот, тоа би било фантастично за нас“, вели Скалони.