Надежниот португалски фудбалски напаѓач Жоао Феликс од денеска и официјално е нов член на англискиот премиерлигаш Челзи откако лондонскиот тим ја комплетираше позајмицата од редовите на шпанскиот Атлетико Мадрид.
Според договорот меѓу двата клуба, Челзи ќе плати 11 милиони евра за да го има Феликс во своите редови во наредните пет месеци од сезоната, покрај тоа целосно ќе ја подмири и неговата плата до крајот на сезонава, по што тој летово ќе се врати назад во Мадрид.
-Челзи е еден од фудбалските гиганти во светот и среќен сум што доаѓам овде. Ќе сторам се за да му помогнам на клубот да ги оствари своите зацртани цели, изјави Феликс по потпишаниот договор со „сините“.