Во Полска и Шведска почнува 28. Светско ракометно првенство

Од денеска до 29 јануари, Полска и Шведска ќе бидат домаќини на 28. Светско ракометно првенство за мажи. Девет градови во двете земји: Краков, Гдањск, Катовице, Плок, Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад ќе бидат домаќини на 32 репрезентации кои ќе бидат поделени во осум групи со по четири селекции. Мундинјалот стартува вечерва (21 часот) со натпревар од групата Б во кој ќе се соочат ко-домаќинот Полска и Франција во Катовице.

Македонската репрезентација ќе игра во Краков, во група Ф која се вбројува меѓу најсилните на Мундијалот. Ривали на македонската репрезентација во групата ќе им бидат селекциите на Норвешка, Аргентина и Холандија.

Во втората фаза ќе се пласираат трите првопласирани од групите и ќе се формираат четири групи (најдобрите екипи од A и B, C и D, E и F, G и H), а во четвртфиналето одат по две од секоја група.

Титулата од последното Светско првенство во Египет одиграно во 2021 година ја брани репрезентацијата на Данска која заедно со олимпискиот шампион Франција и европскиот првак Шведска ќе биде најсериозен кандидат и за годинешната титула.

Македонија стартува в петок (20.30 ч.) на 13 јануари против апсолутниот фаворит Норвешка. Два дена подоцна ќе се соочи со Холандија, а на 17 игра против Аргентина.                                   Во Краков ќе играат и натпреварите од групата А (Шпанија, Црна Гора, Чиле и Иран).                  Салата „Таурон Арена“ во Краков има капацитет од 22.000 места.

Македонија на овој Мундијал ќе настапи подмладен состав. Од поискусните на списокот од селекторот Кирил Лазаров се наоѓаат: Жарко Пешевски, Никола Маркоски, ровитите Никола Митревски,  Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, како и Филип Талески, Мартин Томовски и Филип Кузмановски кои веќе имаат искуство од играње на големи натпреварувања. Овие поискусни ракометари ќе ги поведат помладите Цветан Кузманоски, Ненад Костески, Игор Ѓорѓиев, Јагуриновски, Мартин Серафимов, Атанасијевиќ…

ИХФ ја продолжил одлука сите учесници на турнирот заедно со судиите, делегатите и новинарите да бидат вакцинирани со две дози (односно со три ако поминале повеќе од 270 дена од втората доза) или да приложат доказ дека се опоравиле после 2. август 2022-ра година. Сите играчи и членови на стручен штаб ќе мора да се тестираат пред почетокот на Светското првенство, на почетокот на втората фаза и пред четвртфиналето.

Во случај некој да биде позитивен, ќе му одредат петдневен карантин, а за да се врати во селекцијата ќе мора да има негативен тест.

Треба да знаете
Последни објави