Македонската ракометна репрезентација денеска го започнува настапот на Светското првенство и тоа против фаворитот во нашата група Норвешка.
Тоа е селекција која е исклучително квалитетна и се очекува да се вмеша во борбата за медали, но нашиот национален тим нема однапред да се предаде и ќе се обиде да се надигрува со скандинавците.
– Ние сме подготвени за цело СП. Ова е прв натпревар против репрезентација за која не треба да се зборува што значи во европскиот и светскиот ракомет. Норвешка во 2017 и 2019 играше финале на СП и се незадоволни што не освоија злато, овде се по голем резултат. Во спортот треба да веруваш и во невозможното, ние денеска сме во таа позиција. Нема што да загубиме, туку може само да добиеме. Нема да се штедиме воопшто, ќе тргнеме да играме, да пробаме да играме рамноправно, а ако се случи спротивното можеме да размислуваме за други работи, следните противници.
– Сакам да нагласам дека оваа репрезентација направи многу и досега направи многу и само поради тоа на момците треба да им се даде поддршка. Поминавме големи репрезентации, фаворити и успеавме покрај сите скептици македонската репрезентација да го задржи континуитетот. Резултатите можат да дојдат побрзо или подоцна. Нема да значи ништо ако денеска дојдеме до добар резултат, тоа нема да значи дека сме созреани и може да ни се одбие од глава. Што и да се случи ние треба да одиме по нашиот пат. Играме со 7 дебитанти на ова СП и треба да бидеме внимателни, но од друга страна имаме и голема самодоверба, – истакна селекторот Лазаров кој посочи дека Митревски, Талески и Маркоски се уште не се 100 проценти подготвени.
Средбата во Краков започнува во 20:30 часот.