Филип Талески по завршувањето на средбата Македонија – Норвешка (27:39), раскажа како ги доживеал последните 10 минути од првото полувреме, кога противникот ја направи разликата го реши победникот.
-Ние појдовме со мисла да ја победиме Норвешка и можам да кажам дека првите 20 минути се држевме рамноправно, меѓутоа тие технички грешки овие репрезентации ги казнуваат веднаш и тоа се покажа. Од 20. до 30. минута ни направија некоја серија од 5-6 гола серија и на полувреме веќе губевме со седум разлика. Во второто само се одржуваше таа разлика, ќе намалевме па повторно ќе се вратеа на 10… Ова треба само да ни биде една школа, дека со Холандија не смееме да ги правиме тие грешки во напад, рече Талески.
Двоцифрен пораз е болен. Но, Талески вели дека ова нема да ги разниша пред преостанатите два дуели во групата со Холандија в недела и со Аргентина во вторник.
-Ќе анализираме добро, мислам дека не би требало ова да ни ја урне самодовербата. Ако победевме денеска ќе беше едно големо изненадување, не се случи тоа и сега сме фокусирани на следните два меча. Таков беше и договорот. Ни останува да преспиеме, да ја оладиме главата од овој пораз и утре да се подготвиме максимално за Холандија. На тој натпревар нема оправдување – мора да се победи, додаде првиот стрелец во македонскиот тим со седум погодоци.