Шпанскиот прволигаш Валенсија е заинтересирана за македонскиот репрезентативец и капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми. Тренерот Џенаро Гатузо сака во зимскиот преоден рок да го засили средниот ред на тимот, а Адеми е на врвот на листата на негови желби, пишува „Марка“.
Адеми повеќе од една деценија е на „Максимир“ и досега одби неколку одлични понуди, но секако дека за него би бил голем предизвик да заигра во Ла Лига.
Валенсија во моментот се наоѓа на средината на табелата во шпанското првенство заземајќи го 11.место.
На „лилјаците“ им одговора Адеми како играч, но и поради цената и платата, меѓутоа Аријан не е единствената опција за тимот од Ла Лига.
Валенсија мора да донесе одлука затоа што според истиот извор два тима од Премиер лигата исто се заинтересирани за Македонецот што значи дека може лесно да се случи Аријан да направи голем трансфер во овој преоден рок.