Јунајтед со пресврт за четири минути го реши Сити

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед го добија дербито против Манчестер Сити со 2-1 (0-0), во рамките на 20. коло на Премиер лигата. „Црвените ѓаволи“ одиграа одличен натпревар, беа подобри во првиот дел и испуштија шанси, а потоа „граѓаните“ поведоа. Сепак, радост на „Олд Трафорд“ донесоа Бруно Фернандеш и Маркус Рашфорд.

Средбата тргна со отворена игра на двете страни, ниту еден тим не се воздржуваше, а Сити повеќе ја имаше топката во своите нозе. Сепак, поконкретен во првиот дел беше домаќинот и имаше две колосални шанси преку Маркус Рашфорд за да поведе, меѓутоа не беа искористени. Англичанецот прво излета сам пред голот откако Едерсон „летна“ во празно, па спасуваше блокот, а потоа си даде предолг фор во опасна акција која заврши без шут.

Манчестер Сити по мирниот старт на полувремето, по еден час игра стигна до предност. Одлична акција со гол ја круниса Џек Грилиш, користејќи центаршут на Де Брујне, па со глава го матира Де Хеа за 0-1.

На потег беше домаќинот, кој полека ја преземаше иницијативата. Израмнувачкиот погодок беше дело на Бруно Фернандеш, откако во 78. минута погоди за 1-1. Португалецот доби топка од Касемиро низ одбраната, го матира Едерсон, а иако судиите прво покажаа офсајд, одлуката се промени.

Само четири минути подоцна за целосен шок на Сити се погрижи Маркус Рашфорд. Англискиот репрезентативец остана осамен на петерецот, па по добра акција беше проигран од Гарначо, за лесна реализација и 2-1.

Избраниците на Пеп се обидоа да се вратат во натпреварот, ама Јунајтед ја одбрани својата предност. Сега, со по 18 одиграни натпревари Сити има еден бод повеќе од градскиот ривал на второто место на табелата во Премиер лигата со 39 бода, пет помалку од Арсенал, кој има и натпревар помалку.

Треба да знаете
Последни објави