Во продолжение интегралното обраќање во целина.
„Почитувани членови на Стопанската комора на Северна Македонија,
Почитуван вицепремиер Фатмир Битиќи,
Почитувани министри,
Почитувани претставници на медиумите и пред се драги пријатели,
Ми претставува навистина големо задоволство да дадам воведно обраќање на денешната значајна годишна конференција која носи наслов: „Предизвици на економските политики во 2023 година”.
Ако треба да ги споредам 2022 и 2023 година би кажал дека 2022 беше веројатно најтешката во мојата 22 годишна професионална кариера. Но, кога ќе ги видам резултатите на крајот од годината, начинот на кој се справивме со енергетската и економската криза и начинот на кој воспоставивме соработка на дневна основа со Стопанската комора, можам да бидам задоволен.
Сите бевте сведоци дека сите состаноци кои ги имавме со цел справување со кризата тука и надвор од земјата, присуствуваше и претседателот на Стопанската комора, којшто сакам да му се заблагодарам за соработката и на тој начин и бизнис секторот можеше да има увид на дневна основа кои се мерките и активностите кои Владата ги презема. А ние можевме да имаме, исто така, на дневна основа импут од бизнис секторот што е она што е најпотребно.
Упатувам честитки за организацијата на Конференцијата од страна на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања којшто совет го сочинуваат врвни експерти и кој е воден од професор Бишев кој е советник на претседателот на Владата и кој сигурно имаше удел во дизајнирањето на мерките кои ги преземавме во текот на минатата и ги преземаме во текот на оваа година.
Јануари е месец, кога се гледаат резултатите од сработеното претходнава година и се прават проекции за тековната година, така што верувам дека оваа годишна конференција ќе прерасне и во традиција.
Нејзината важност е уште поголема бидејќи на едно место се обединети креаторите и носителите на економски политики, од една страна и претставниците на бизнис заедницата од друга, се со цел да се зајакне јавно-приватен дијалог и да се презентираат гледиштата и идеите на двете страни. Тоа е и начинот на работа на Владата која ја предводам, да работи инклузивно, со сите засегнати страни, да има слух за потребите како на граѓаните, за стопанството, бидејќи тоа е единствениот начин заедно полесно да ја пребродиме оваа најголема светска енергетска криза која ја живееме по Втората светска војна.
И ќе ја преживееме и надминеме само со заедничка работа, со солидарност, рационалност, поддршка за најранливите категории граѓани, со зачувување на работните места и со задржување на ликвидноста на компаниите.
Соочени сме со голем број предизвици како економски така и политички, воената агресија врз Украина, а со тоа и раст на цените на енергијата и храната, инфлација, како и потреба од трансформација кон зелена енергија, индустрии кои не загадуваат. Самите неизвесни ситуации ја ставаат во неповолна ситуација секако и деловната заедница. Но, бизнис заедницата во Република Северна Македонија во Владата има сериозен партнер и низ заеднички дијалог ќе ги бараме решенијата.
Со самото доаѓање на оваа Влада која ја предводам, фокусот беше еден, а тоа е економијата, и справување со последиците од енергетската криза. Паралелно, креираме планови и мерки за раст на економијата на среден и долг рок.
Голем број од мерките кои се реализираат се и барања на Стопанската комора на Северна Македонија, но и на другите стопански комори во државата, за што и претседателот Азески во своите излагања го потенцираше овој факт. Одговорно и навремено интервенираме со мерки за одржување на ликвидноста на компаниите. Само во 2022 година, двата пакети антикризни мерки беа во вредност од над 760 милиони евра, најголем пакет државна поддршка во регионот.
Морам да напоменам дека оваа Влада крати од непродуктивните трошоци и во услови на најголемата криза редовно ги сервисира обврските кон сите граѓани, како и кон стопанството.
Јас паметам години во овој хотел, во оваа сала кога деловната заедница беше собирана токму оваа стопанска комора, и јас сум присуствувал на тие состаноци и кога еден поранешен претседател на Влада моравме да го чекаме по 1 саат да касни за да дојде заедно со МФ и да ни кажат дека ДДВ нема да се враќа и на тоа да се даде аплауз, бидејќи ако не дадете аплауз тогаш други работи немаше да бидат сервисирани од страна на државата. Тие времиња се минати.
Само во 2022 година, повратот на ДДВ кој го опфаќа – редовниот поврат на ДДВ кон стопанството и извршеното пребивање на даночни долгови со даночно побарување за ДДВ, изнесува 727,2 милиони евра, што е и највисок поврат на ДДВ кон стопанството од осамостојувањето. Веќе одамна помина времето кога повратот на ДДВ кон стопанството доцнеше, напротив Податоците за извршениот поврат на ДДВ по години покажуваат дека тој износ од година во година расте. Повратот на ДДВ кон стопанството значи поддршка на ликвидноста и конкурентноста на компаниите, а особено е значајно што се врши тековно и навреме и тоа им дава одредена сигурност на компаниите.
Ова позитивно влијае и на задржување на работните места. Истово е особено важно во услови на криза, како што е случај во последните години со пандемијата на ковид-19 и актуелната енергетска и економска криза. Ваквата динамика во процесот на поврат на ДДВ ќе продолжи и во иднина, со оглед на тоа што овој процес ќе биде целосно автоматизиран и нема да зависи од ничија волја или од нечија ефикасност и залагање.
Компаниите ги ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, коишто се дополнителни 26 милиони евра олеснување сé со цел да ја задржиме нивната ликвидност.
Од април ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти од реалната цена, а да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале пет пати поголеми сметки од тоа што плаќаат. Истото се однесува и на 72 илјади компании на регулираниот пазар кои вработуваат 98% од вработените во државата.
Донесовме одлука за основните и средни јавни училишта, компаниите од прехранбената индустрија и јавните претпријатија од областа на водостопанството да можат да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја. Со оваа одлука, кај некои од пекарите веќе е регистрирано намалување на цената на бел леб, исто така има намалување на цените на млекото кај одредени од млекарниците. Треба да се има предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде како што беше договорено до 10 проценти. Досега според податоците од ЕСМ Продажба, 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја. Во оваа прилика би сакал и тука пред вас, пред компаниите кои се во овие дејности да апелирам на солидарност, одговорност и рационалност и почитување на договореното.
Дополнително, граѓаните и стопанството можат по поволни услови и побрзо да постават фотоволтаици – до 6 киловати за домаќинство и до 40 киловати за фирмите, без административни постапки и без да се чека одобрение за градба од локалната самоуправа со оглед на тоа дека сите законски решенија и правилници се променети веќе за да се оствари ова ветување кое го дадовме пред точно 1 година.
Ова се само дел од сите мерки што досега ги преземавме, а кои се во насока на ублажување на последиците од кризата, како и на високите инфлаторни стапки. Секако, дека грижата на Владата и политиките за помош на граѓаните и стопанството во оваа најголема криза продолжуваат и следната година, и тоа е преточено во новиот Предлог-буџет за 2023, кој е рационален и скроен да одговори на предизвиците поврзани со енергетската криза.
Буџетот за 2023 година е мој прв буџет како премиер и лично ќе се залагам да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти на БДП.
Буџетската каса за следната година е проектирана така да може да обезбеди стабилност, сигурност и економски раст во услови на криза. Од вкупниот буџет за 2023 година за антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра. Кризата сè уште трае, ја менува формата и динамиката, поставува нови неизвесности и предизвици, и Владата е тука да ги слушне сите предлози на деловната заедница како што ги слушаше и досега.
И оваа година фокусот на Владата е да обезбеди услови за раст на инвестициите. Наша цел е домашните и странските инвестиции да бидат двигатели на растот, да се зголемува извозот, да се намалува невработеноста, паралелно да растат платите и да се подобрува животниот стандард.
Нашето членство во НАТО, обезбедува сигурност на инвестициите, дополнително стартот на претпристапните преговори со ЕУ ќе ја зголемат стабилноста, ќе се отворат нови пазари, а сето тоа значи и нови можности за компаниите. Европската Унија е наш поддржувач и финансиска поддршка за справување со енергетската криза за што сите можевме да посведочиме последните 2 месеци од минатата година. Првата транша беше во износ од 80 милиони евра којашто беше искористена за буџетска поддршка во државата до 2022 година.
За бизнис заедницата од голема важност се капиталните инвестиции за што се издвоени 800 милиони евра. 2022 година го завршивме со највисоко ниво досега на капитални инвестиции во апсолутен износ од осамостојувањето на државата со 465 милиони евра инвестиции, што секако дека има позитивно влијание врз стопанството и компаниите во државата.
Во 2023 продолжуваме со инфраструктурни проекти кои ќе нѐ поврзат и внатре во земјата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжуваме со изградба на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, продолжуваме со проектот за гасификација на државата. Комплетно е завршен гасоводот од влезот на интерконекторот од Бугарија до Битола. Исто така, продолжуваме со капитални инвестиции во земјоделството со кои обезбедуваме пред сѐ зголемено домашно производство на храна, поддршка за земјоделците како и поддршка за модернизација на земјоделството.
Буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал и ќе ја намали енергетската зависност на земјата. Затоа, особено внимание се посветува на транзицијата кон обновливи извори на енергија како и на енергетската безбедност и енергетската ефикасност на земјата.
Тука морам да се заблагодарам и на нашите стратешки партнери од ЕУ, меѓутоа и на САД за целата помош која и ја дадоа на Северна Македонија при обезбедувањето на сите потребни енергенси, либерализација на пазарот на гас и обезбедување на проширување на капацитетот со Република Бугарија за можност за либерализација на пазарот и во овој дел.
За само една година во Северна Македонија изградени се над 80 мегавати на сончеви електрани, а се очекува до крајот на 2023 во македонскиот енергетски систем да има инсталирано околу 300 мегавати од фотонапонски електрани. Обновливите извори веќе се реалност во Европа и европските земји засилено инвестираат во нив. Владата на Република Северна Македонија, ја прифати таа реалност и ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката до 2040, базирана на Европскиот зелен договор. Во Стратегијата предвидена е изградба над 1.500 мегавати на фотонапонски електрани, над 700 мегавати ветерни електрани и над 500 мегавати големи хидроелектрани. Сето ова значи услови за развој и на стопанството и можност нашата татковина да ја претвориме во зелен енергетски центар кој ќе ја снабдува земјата, регионот но и Европа со чиста, зелена енергија.
Како човек кој доаѓа од приватниот сектор и тоа токму од оваа стопанска комора, знам од колкава важност се фер пазарните услови, а верувам дека членството во ЕУ е чекор кон подобрување на легислативите, како и на функционалната пазарна економија, а тоа подразбира и сузбивање на сивата економија и нелојалната конкуренција која претставува закана за компаниите кои се во системот на државата.
Во овој контекст и даночната реформа се однесува на проширување на даночната основна по две основи и тоа намалување на сивата економија и ревидирање на даночните ослободувања. Целта на оваа даночна реформа и претставениот Концепт е воспоставување современ даночен систем којшто ќе биде поправеден, потранспарентен, поедноставен и поквалитетен. Пристапот во оваа реформа е да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, туку проширување на даночната база. Во однос на воведувањето на прогресивното оданочување, кое законски требаше да стапи на сила на 1 јануари 2023 година, истото се одложува со цел да се постигне правичност и рамноправност. Ќе се избере друг модел на кој ќе се работи во наредниот период, секако во транспарентна дебата со стопанството и сите засегнати страни.
Се прифати и барањето на бизнис-заедницата за ослободувањето од данокот на добивка по основ на реинвестирање на добивката, имајќи ја предвид актуелната состојба и влијанието на енергетската криза. Тој аргумент во оваа фаза беше прифатлив. Останува во наредниот период да се работи на модел реинвестираната добивка да се насочи кон поддршка на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, дигитализацијата, зајакнувањето на човечкиот капитал, односно да се мотивираат инвестициите онаму каде што има поодржливи решенија. Тоа е стратешки интерес.
Започна и реформата на јавната администрација, веќе Владата разговараше за концептот за реформа во јавна администрација. 3 министерства веќе се дел од пилот за реорганизација и реформа, а тоа се Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за економија и Министерство за информатичко општество и администрација во кои веќе се работат блупринтовите и ќе се воведува нова организациска структура се со цел зголемување на ефикасноста, намалување на трошоците и подобрување на услугите кои администрацијата ги дава на граѓаните и стопанството.
Борбата со корупцијата и владеењето на правото се исто така од голема важност за раст и нови инвестиции.
Јас не би должел повеќе, сакам само да напоменам уште еднаш дека како и до сега Владата е партнер на деловната заедница, бидејќи заедничка цел ни е да создаваме подобри услови за граѓаните, ликвидни и брзорастечки фирми, подобро платени работни места, а со тоа и подобар животен стандард за сите во државата. А кога се има визија, кога се има фокус и кога се работи напорно, нема недостижна цел.
Секој предизвик, претставува и можност да бидеме подобри во тоа што го работиме, и само заедно со отворена комуникација, со конструктивни предлози, можеме да градиме просперитетно општество.
Ви благодарам и посакувам успешна конференција”.