Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека очекува брзо одобрување од Германија за испраќање тенкови Леопард во Украина. Полска соопшти дека ќе ги испрати тие германски тенкови во Киев, но за тоа треба официјално одобрение од Берлин.
„Не можам да замислам дека одобрувањето нема брзо да биде дадено”, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки пред да замине за Берлин, каде што ќе разговара со германски претставници од различни политички ориентации.
„Полска е подготвена да ги испрати тие тенкови (Леопард) за да дадат добар пример”, изјави за приватното радио ЗЕТ, Марцин Пжидач, советник за надворешна политика на полскиот претседател Анджеј Дуда.
Дуда минатата недела во Лавов изјави дека Полска е подготвена да испрати тенкови во Киев, но „како дел од меѓународната коалиција”. Тој додаде дека смета на други земји да придонесат за испраќање воена опрема во Украина, која се бори со руските сили од февруари 2022 година.
Германскиот канцелар Олаф Шолц е под притисок да одобри испраќање тенкови Леопард 2 во Украина. Тенковите треба да ги испрати Германија која ги произведува и другите земји кои ги поседуваат.
Неколку други земји, вклучително и САД и Велика Британија, исто така одлучија да испратат тенкови во Украина.