На пленарната седница во Стразбур, европратениците денеска ја одбележаа 30-годишнината од создавањето на единствениот европски пазар, што е формиран на 1 јануари 1993 година и овозможува слободен проток на луѓе, стоки, услуги и пари.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола единствениот европски пазар го оцени како „камен-темелник на европската интеграција”.
– Со најголемиот демократски единствен пазар ја зацврстивме нашата позиција во светот, посочи Мацола и додаде дека поради единствениот пазар просечниот бруто домашен производ се зголеми за осум до девет проценти.
Џесика Розвал, министерка за европски прашања на Шведска, која претседава со ЕУ, истакна дека единствениот пазар е „најдобар сојузник за конкурентна и еластична Европска унија” и „главен инструмент за спроведување на зелената и дигиталната транзиција”.
За извршната потпретседателка на ЕК, Маргрет Вестагер единствениот пазар е „успешна приказна” која покажува „што можат да постигнат демократиите кога работат заедно”.