Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, на прес-конференција, ја презентираше реализацијата на капиталните инвестиции во 2022 година. Премиерот Ковачевски посочи дека во минатата година има највисока реализација на капитални инвестиции во вредност од 465 милиони евра.
Во продолжение интегралниот текст од прес-конференцијата на премиерот Димитар Ковачевски:
„Во изминатава година се соочив со многу предизвици, потешкотии, но во нивното надминување го вложив целото мое искуство и знаење што го поседуваме за да може да се надминат сите кризи низ кои и јас и вие, заедно поминавме претходнава година. За мене лично е чест да ја предводам Владата на Република Северна Македонија и заедно со другите министри да носиме одлуки кои се од круцијална важност за иднината на мојот народ, кој еден ден, што поскоро, би сакал да го видам како дел од европското семејство.
Во таа насока е и денешната прес-конференција, на која ќе ја презентирам реализацијата на капиталните инвестиции во текот на изминатата година, кои се на највисоко ниво во однос на претходните години. Фактите покажуваат дека и покрај тоа што минатата година беше критична од повеќе аспекти, што оставаше простор за сомнеж дека нема да се успее, сепак во 2022 година имаме реализација на капиталните проекти од речиси 90 проценти од планираното, што е највисок остварен процент во споредба со претходните 10 години. Сето ова го направивме со цел да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните и нивниот стандард.
На почетокот сакам да потенцирам дека споредено со 2014 година, кога капиталните инвестиции беа во вредност од 286 милиони евра, лани тие се искачија и достигнаа вредност од 465 милиони евра, што е зголемување за 179 милиони евра или за повеќе од 60 %. Минатата 2022 година, бележиме пораст на капиталните инвестиции во повеќе ресори, кои се клучни за развој на државата. Само во последните три години, од 2020-та до 2022 година, во услови на пандемија и светска економска и енергетска криза, успеавме да реализираме капитални инвестиции во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра.
Ќе почнам од ресорот транспорт и врски, каде што имаме најкрупни инфраструктурни проекти.
Минатата година целосно ја завршивме изградбата на експресниот пат Штип – Кочани. Со пуштањето на делницата Крупиште – Кочани, во месец декември, сега го скратуваме времето на патување од еден до друг град на граѓаните од целиот источен регион на државата.
Коридорот 8, експресниот пат кон Бугарија се гради со два нови изведувачи и тоа е сосема нова делница паралелна со постојниот пат којшто води до границата со Бугарија.
Исто така, се работи на проширување на трета лента до границата, а комплетно е рехабилитиран патот Куманово – Ранковце.
Министерството за транспорт и врски гради и рехабилитира 44 експресни, магистрални и регионални патишта, од кои работите во најголем дел се завршени, а некои сè уште се во тек.
Дополнително, преку Проектот за рехабилитација на локални улици и патишта, со средства од Светска Банка, преку првите три тендери досега се завршени или се во тек работите на 75 локални улици и патишта. Со 3 тендери се планира рехабилитација на уште 76 улици и патишта, со вкупна должина од околу 65 километри.
Во овој момент активно тече изградбата на автопати во должина од 59 километри. Динамиката на изградба на коридорот од Кичево до Охрид, кој е во должина од 57 километри и во вредност од 598 милиони евра е навистина забрзана. Таму веќе 75 % од патот е завршен и се работи со забрзана динамика откако беа отстранети сите пречки.
Во тек е реализација на автопатот Скопје – Блаце, фаза 1, која чини 12,18 милиони евра. Досега се реализирани 79%, а фазата 2 е во завршна фаза на проектирање. Вкупната должина на фаза 1 и фаза 2 е 12 километри. Се подготвуваат автопати за изградба Коридор 10-Д и Коридор 8 и тоа:
– Изградба на автопат Гостивар – Кичево
– Изградба на автопат Тетово – Гостивар
– Изградба на автопат Требениште – Струга-Ќафасан
– Изградба на автопат Прилеп – Битола
Во текот на мандатот на оваа Влада рекордно се изградени и рехабилитирани патиштата во државата. Ако за 11 години на претходната власт беа изградени и рехабилитирани 650 км патишта, сега за 5 години имаме 1300 км патна инфраструктура, рехабилитирана и изградена, во која како држава инвестиравме над 1 милијарда евра.
Што се однесува во делот на изградба и реконструкција на железничката инфраструктура, се забрза процесот на железничкото поврзување и доизградба на Коридорот 8. Започнуваме со изградбата на железничката пруга кон Република Бугарија, со вкупна инвестиција повеќе од 600 милиони евра, која ќе се гради во 3 фази. Ова е историска, најголема инвестиција досега. Овозможуваме алтернативна пруга за домашните компании за поевтин и побрз транспорт и поврзуваме пристаништата во Бургас и Драч.
Инвестиравме и во гасоводната мрежа. Комплетно го завршивме гасоводот од Жидилово до Битола. Нешто за што многумина кажуваа дека нема шанса да се заврши во 2022 година. Докажавме дека може да се заврши. Сега непречено Битола може да биде снабдувана со гас. Тоа отвори можност за гасификација на Битола. Веќе привршува фазата на изградбата на топловодот од РЕК Битола до Битола.
Создаваме европска и држава според НАТО стандарди, во која обезбедуваме подобри услови за работа на Армијата и Полицијата.
Министерството за одбрана e силно посветено на модернизација на системот за одбрана и во 2022 година продолжи континуирано да вложува максимални напори за унапредување на одбранбените способности и капацитети.
Министерството за одбрана во 2022 година продолжи со реализацијата на неколку капитални, повеќегодишни проекти за набавка на современа и софистицирана опрема за Армијата.
Согласно договорите Влада-со-Влада, во тек е набавка на лесни оклопни возила JLTV Oshkosh од кои во 2022 година пристигнаа 6 возила. Во следниот период оваа година се очекуваат уште 27 од вкупната набавка на 96 возила. Склучен е и договорот за набавка на лесни оклопни возила за специјални сили (STRYKER) од САД.
Во 2022 година, се потпиша и договорот за набавка на опрема за противвоздушна одбрана со Република Франција. Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата. Во изминатите две децении не беше извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана, кој е потребен, пред сè, за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија. Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.
Во 2022 година, склучени се и договорите за набавка на артилериски системи во соработка со Турција, како и за ремонт на два транспортни хеликоптери Ми-8МТ во соработка со Чешка.
Во 2022 година, продолжи вложувањето во подобрување на енергетската ефикасност на објектите, како и вложување во еколошки енергенси во касарните.
Тука фокусот е ставен на воведување на повисоки еколошки стандарди во одбраната, преку вложување во енергетска транзиција и во модерни и енергетски ефикасни објекти.
Завршени се 15 проекти за реконструкција и реновирање на објектите на Армијата, меѓу кои санација и реновирање на сместувачките капацитети на Криволак и во Пепелиште, реновирање на сместувачките капацитети во касарната Петровец, изградба на нови санитарни јазли и пречистителни станици на Криволак, реконструкција на повеќе објекти во касарната Илинден и во касарната во Велес, реновирање на објект во касарната Страшо Пинџур во Скопје.
За 2023 година се планирани 28 проекти за реконструкција на армиски објекти.
Со целосна реализација на капиталните инвестиции е и Министерството за внатрешни работи. Минатата 2022 година ја завршивме со завидна бројка од 78 целосно реконструирани објекти на полицијата (седум во 2022), со вкупна вредност од над 8 милиони евра. Потоа, во рамките на проектот „Сината униформа дејствува за зелена околина”, се инвестирани околу 7,4 милиони евра, за енергетска ефикасност во сите реконструирани објекти на МВР.
За МВР и за Одделот за воздухопловни единици во рамки на МВР, катастрофалните пожари од 2021 година беа сигнал да се набави најсовремена опрема за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот. Овој Оддел е опремен со 3 хеликоптери марка „Бел”, при што за хеликоптерот „Бел 212″ е обезбедена најсовремена опрема, со што е оспособен за гаснење на пожари – едно ведро за „Бел 212″ и Симплекс резервоар за „Бел 412″.
Само во 2022 година хеликоптерите од Одделот за воздухопловни единици во рамки на МВР реализираа 230 противпожарни летови и учествуваа во успешно гаснење на пожарите во државата. Овој пример е уште еден доказ дека МВР е сервис на граѓаните и тоа е веќе начин на работа во сите сегменти на полициското работење, а заштитата и безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет.
Владата посветено работи на унапредување и обезбедување на квалитетни услови за образование на секое дете. Министерството за образование и наука ги реализираше сите капитални инвестиции, кои, согласно инвестицискиот план, требаше да се заокружат во 2022 година.
За реализација на капитални инвестиции со кои ќе се унапреди квалитетот на условите за следење на настава од страна на учениците, но и за работа на наставниците, во 2022 година беа обезбедени средства во износ од над 16,3 милиони евра.
Во 2022 година имаме реализација на буџетот за капитални инвестиции од речиси 94%.
Завршена е испораката на мебел за опремување на кабинети по природни науки за 264 основни училишта, a завршена е и испораката на опрема и нагледни средства за кабинетите по природни науки за 358 училишта.
Подобрени услови за настава добија голем број ученици од сите региони во државата. Нови училишта добија учениците од Долна Лешница во општина Желино, како и од Долно Блаце во општина Чучер Сандево. Овде решивме повеќедецениски проблем. До неодамна, учениците од ова населено место, каде воопшто не постоеше училишен објект, посетуваа настава во најблиското училиште, преминувајќи ја границата со Косово.
Инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат со зголемен интензитет и оваа година.
Предвидени се 18,3 милиони евра или тоа е 8,9% повеќе средства од 2022 година. Ќе посочам неколку покрупни проекти – ќе отпочне изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје. Ќе се гради нов објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери”. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови, кои во рок од 30-тина месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни.
Во меѓувреме, продолжуваме со изградба и реконструкции на училишта. Веќе најавивме дека ќе започне реконструкцијата на 118 училишни објекти, каде фокус е ставен на изградба на нови тоалети за ученици, оспособување на тоалетите за ученици со посебни потреби и поставување на пристапни рампи.
Продолжува и реализацијата на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, преку кој во 2023 ќе започне изградбата на 10 нови спортски објекти.
Понатаму, Министерството за труд и социјална политика продолжи со несмалено темпо во реализација и изградба на нови објекти за да се задоволат потребите на граѓаните. Од 2017 година до денес, отворени се 75 градинки со опфат од 5.500 деца. Во текот на 2022 година завршени се со реализација нови градинки или пак се изградени доградби кај градинките во 10 општини и тоа Струмица, Гостивар, Берово, Демир Капија, Крива Паланка, Валандово, како и во Сопиште, Ѓорче Петров, Аеродром и населбата Драчево. Капацитетите на градинките ги зголемивме за над 1.000 деца од целата држава. Реализирани се и други значајни инвестиции во делот на подобрување на објектите кои што нудат социјални услуги за граѓаните. Во оваа година планирана е изградба, доградба или адаптација на дополнителни над 20 градинки во државата.
Во однос на реализираното во ресорот здравство, меѓу позначајните инвестиции се зајакнување со нова апаратура за дијагностика во поголем број јавни здравствени установи низ државата, како што се мамографи, дигитални рентген апарати, ангиографи, компјутерски томографи.
На Клиниката за радиотерапија и онкологија беше ставен во функција нов линеарен акцелератор за пациентите со малигни заболувања, а нов апарат за зрачна терапија доби и Градската Општа болница „ 8 Септември” во Скопје. Обезбедени се и нови ангиографи за повеќе јавни здравствени установи низ државата. За прв пат се обезбеди нова магнетна резонанца и за прилепската болница, а се пушти во употреба и нов компјутерски томограф во Општата болница Кавадарци.
Во областа на земјоделството, шумарството и водостопанството се реализирани или се во тек 43 проекти во вкупна вредност од речиси 400 милиони евра. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реализираше или во моментов реализира 43 проекти кои вклучуваат: изградби на брани, изградби на пречистителни станици, системи за наводнување, модернизација на земјоделството и сл. Од проектите, би сакал да ги издвојам изградба на брана на Оризарска Река, потоа на брана Конско која ќе биде втора најголема брана било кога изграден во државата, изградба на брана на река Слупчанска, изградба на систем за наводнување Чардаклија, изградба на регионална кафилерија, воведување на национална програма за консолидација на земјиште, изградба на пречистителна станица за вода за пиење во Лозово-ХЦ „Злетовица” водоснабдување итн.
Во областа на животна средина се реализирани или во тек е реализација на околу 40 проекти и уште околу 10 проекти се во фаза на тендерска постапка.
Од буџетски средства се реализираа повеќегодишни инфраструктурни проекти во неколку општини. Во општина Боговиње се работи на два проекти, едниот за канализациона мрежа за населено место Камењане, за што од буџетот се финансирани 820.000 евра. Вкупна вредност на проектот е 2 милиони евра. Другиот проект е канализациона мрежа за населено место Боговиње, за што од буџетот се финансирани над 1,2 милиони евра, а вкупната вредност на проектот изнесува над 2,3 милиони евра.
Понатаму, во општина Гостивар во градба е колектор и фекална канализација, за што од буџетот се финансирани над 610 илјада евра, а вкупната вредност на проектот изнесува над 2,1 милиони евра.
За општина Липково, од буџетот, за 2022 година се одвоени средства во висина од над 3,2 милиони евра и потпишан е Договор за финансирање на проектите за водоснабдителни системи на повеќе населени места во општина Липково.
Понатаму, од буџетот за 2022 година се одвоени средства во висина од над 1 милион евра и потпишан е Договор за финансирање на проектот – Реконструкција и надградба на колекторскиот систем и пречистителна станица во општина Дојран.
Исто така, склучени се договори и за реконструкција на водоводна мрежа во Богданци во висина од над 4 милиони евра, а инвестираме и во општина Берово, каде се издвоени над 1,2 милиони евра за рехабилитација на водоводен систем со филтер станица.
Во подготвителна фаза се неколку големи инфраструктурни проекти финансирани од ИПА2 програмата: Рехабилитација и проширување на канализациона мрежа во општина Кичево, изградба на пречистителна станица за отпадни води и санација и надградба на канализациона мрежа во општина Битола и изградба на пречистителна станица за отпадни води и проширување на канализациона мрежа во општина Тетово.
Во 2023 година продолжуваме да градиме по план и да ја развиваме нашата држава. За таа цел, нивото на планираните капитални инвестиции во буџетот во однос на минатата 2022 година е повисоко за 51,8%, и изнесува околу 800 милиони евра.
За финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, полицијата и одбраната.
Република Северна Македонија, која е веќе членка на НАТО Алијансата, во следните неколку години ја гледаме како полноправна членка и на Европската Унија. Сите инвестиции, сите капитални проекти се токму во таа насока, обезбедување на европска перспектива и европски услови за живот на граѓаните.”