За веќе суспендираниот командир Срѓан Димитриевски, кој учествуваше во бегството на осудениот затвореник за убиство Беким Мемети, Левица алармираше дека беше дел од параполицијата која учествуваше на инцидентите за илинденската прослава.
На објавената слика од Енис Мурат, вработен во затворот „Шутка”, заедно со директорот Филип Андонов – Сокол, е суспендираниот командир, Срѓан Димитриевски. Иако според Законот за извршување на санкциите, затворската полиција не смее да се ангажира да извршува работни задачи надвор од казнено-поправните установи, овие лица за време на инцидентите на прославата, неовластено даваа насоки до полицијата.
Левица тогаш јавно побара од директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски да преземе мерки за санкционирање на директорите на казнено-поправните установи и на затворската полиција која вршеше неовластени дејствија. После скандалозното јавно признание од страна на Марјан Спасовски дека знаел за командирот Срѓан Димитриевски дека бил претходно избркан поради примање мито, повеќе од јасно е дека Спасовски ги штити своите партиски извршители, кои се сликани со високи партиски функцкионери на СДС.
Суспендираниот Срѓан Димитриевски бил на смена и кога бил претепан млад затвореник од ромска припадност, за што постои сомнеж дека и самиот Димитриевски бил инволвиран. И за овој скандал, Марјан Спасовски немаше никаков одговор за јавноста.
Се поставува прашањето, дали доколку директорот Спасовски го санкционираше Димитриевски после илинденската прослава, сега немаше осуден затвореник за убиство да биде на слобода?
Дали, и покрај низата скандали во затворите, Марјан Спасовски не е разрешен затоа што е во роднински врски со министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски?
Бараме министерот за правда Никола Тупанчевски, кој ги премолчи инцидентите за Илинден, да се одважи конечно пред јавноста и да побара итно разрешување на директорот на Управата за извршување санкции – Марјан Спасовски.
Тоталитарното владеење на СДС и ДУИ директно ја загрозува безбедноста на граѓаните, каде нивните партиски насилници можат неказнето да малтретираат граѓани, полицајци кои земале мито да бидат назначувани за командири и да сценираат бегства на затвореници осудени за тешки кривични дела.