Тренерот на белградски Партизан, Жељко Обрадовиќ изјави дека неговиот тим ќе влезе максимално ангажирано во вечерашниот дуел на домашен терен против македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром во рамки на 15. коло на регионалната АБА лига.
МЗТ Скопје е последнопласиран на табелата со серија од шест последователни порази, но Обрадовиќ истакна дека македонскиот состав пред гостувањето во Белград има нови имиња во играчкиот кадар и нов тренер.
– Ни доаѓа МЗТ со (тренерот Драган) Гаги Николиќ и мило ми е што ќе го видиме тука. Екипата е промената и промената на тренерот е нешто што е важно бидејќи влијаеше на нивната игра. Изгледаат поинаку и имаат некои нови играчи, така што ќе се обидеме да се подготвиме и да одиграме уште еден добар натпревар, изјави тренерот на Партизан.
Кошаркарот на Партизан, Данило Анѓушиќ истакна дека победа пред домашните гледачи е императив за „црно – белите”.
– Целта ни е да ја продолжиме серијата победи која ја имаме. Овие натпревари никогаш не се лесни за играње и затоа сите мораме да дадеме максимум, изјави Анѓушиќ пред вечерашната пресметка против МЗТ Скопје Аеродром со почеток во 18 часот во белградската „Штарк арена”.