Македонската амбасадата во Тирана го предаде првиот дел од донацијата обезбедена од македонската влада а наменета за учениците и училиштата во регионот на Голо Брдо и Мала Преспа.
-Училишните торби и прибори, како и печките за греење на училниците се дел од пошироката листа за потребите на македонската заедница во Албанија што сукцесивно ќе се доставува во текот на наредните денови, јави весникот „Македониум”.
Повикувајќи се на македонската амбасада во Тирана, весникот додава дека на амбасадорот Данчо Марковски посебно задоволство му било искажано од страна на Македонците во областа Голо Брдо за обезбедениот булдожер, со кој жителите од овој крај ќе може да ги расчистуваат непроодните снежни намети во текот на зимата, кои честопати ги држат овие краишта отсечени.
– Средбата со претставниците на партијата Македонската алијанса за европска интеграција, македонските друштва, наставниците и локалната самоуправа беа искористени за размена на мислења и идеи за натамошно продлабочување на активностите за зачувување на македонската етничка, јазична и културна посебност и поврзаност со матична држава Република Македонија, наведува весникот.