Во тренинг-центарот „Графенвор” кај Нирнберг американската армија ќе спроведе нова, проширена обука на украински војници. Предвидено е во текот на наредните пет до осум недели на фронтот во Украина да се вратат околу 500 обучени украински војници, изјави денеска началникот на Здружениот генералштаб. на вооружените сили на САД, генерал Марк Мили.
Мили кој денеска е предвидено да го посети центарот за обука, појасни дека војниците пристигнале од Украина пред неколку дена. За нивна обука се обезбедени целосни комплети оружје и опрема, а засега Пентагон одбива да прецизира кога точно ќе започне обуката.
Агенциите објавуваат дека украинските војници ќе научат како подобро да се движат и да се координираат во баталјон, користејќи комбинирано артилерија, оклопни средства и копнени сили.
Во изјавата дадена за новинарите кои патуваат со него во Европа Мили рече дека комплексната обука заедно со нов сет оружје, артилерија, тенкови и други борбени возила што се на пат кон Украина, ќе биде клучна за да и помогне на Украина да ја врати територијата заземена од руските сили.
„Оваа поддршка е многу важна, бидејќи Украина ќе може да се одбрани. Се надеваме дека ќе можеме да го постигнеме тоа заедно за кратко време”, истакна Мили.
Тој додава дека целта е целото ново оружје и опрема што ќе и биде доставено на Украина веднаш да биде употребливо за обучени војници, „некаде пред да почнат пролетните дождови”.
„Тоа би било идеално”, рече Мили.
Обуката покрај теренската работа предвидува и настава во училница и ќе започне со помали тимови, а потоа постепено ќе се зголемува со вклучување поголеми единици.
САД веќе обучија повеќе од 3.100 украински војници да користат и одржуваат одредени видови оружје, вклучително ракување со американските хаубици и ракетните системи „ХИМАРС”.