Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на прес-конференција во Владата го појасни делот за породилното отсуство од новиот предлог-закон за работни односи и нагласи оти нема да има кратење на работничките права.
– Нема кратење на работничките права во однос на породилното отсуство. Тоа значи дека не се крати сегашното породилно отсуство од девет месеци, туку даваме можност и за таткото да се вклучи во грижата на своето дете. Во првите две години од раѓањето на детето им овозможуваме родителско отсуство од четири месеци. Односно, имаме мајчинство од пет месеци, тоа е во првите пет месеци од раѓањето на детето, понатаму четири месеци родителско отсуство за мајката и четири месеци родителско отсуство за таткото. Тоа значи дека мајката и таткото можат да ги користат заедно, најизменично или еден по друг, зависи од договорот меѓу двајцата родители, информира министерката.
Дополнително, како што рече, имаат предвидено 15 дена татковство, односно од првиот ден на раѓање 15 дена доколку се роди едно дете, а за близнаци или повеќе деца татковство од 20 дена. Дополнително на ова право за работниците има и неплатено отсуство за двајцата родители во траење од два месеци кои, како што појасни министерката, можат да го користат до осумгодишна возраст на детето.
– Сето тоа се работи за да ги изедначиме можностите и правата на жените и мажите во процесот на парзарот на труд за да може и таткото да се вклучи во грижата на детето и за да може многу полесен да биде и пристапот и кариерата на жената додека е на работа, рече Тренчевска.