Германската полиција ги отстрани речиси учесници на протестот против проширувањето на јагленокопот кај Менхенгладбах

Германската полиција денеска соопшти дека ги отстранила речиси сите климатски активисти од селото Лицерат, кои од средата протестираа против уривањето на населбата заради проширување на ископот на јаглен на таа локација.

Неколку стотици полицајци беа ангажирани за да ги отстранат тристотината активисти што протестираа против одлуката за проширување на рудникот на јаглен во областа во близина на Менхенгладбах, во протестите што почнаа во средата.

Двајца учесници на протестот се уште не се откажуваат, а се скриени во подземен тунел кај Лицерат, додаваат од полицијата.

„Во селото Лицерат повеќе нема активисти”, соопшти локалната полиција.

Се додава дека се отстранети и 35 дрвени куќички и 30 дрвени конструкции во кои привремено престојувале активистите.

Активистите за спречување на климатските промени сметаат дека селото и другите објекти во околината не треба да се уништуваат, а рудникот за јаглен под нив да не се проширува.

Тие велат дека согорувањето на јаглен ги поткопува напорите на Германија за намалување на емисиите штетни гасови во атмосферата.

Сопственик на локацијата каде што се наоѓа селото е енергетската компанија „РВЕ”, а последниот жител од населбата се иселил пред една година.

Германија најави постепено укинување на јагленот до 2030 година, а потоа го одложи датумот до 2038 година.

Тензиите ескалираа во саботата, кога полицајците употребија водени топови и палки за да ги растераат активистите. Околу 20 демонстранти се повредени во судирите и пренесени во болница, тврди лекар кој е меѓу активистите кои се противат на употребата на јаглен за производство на електрична енергија.

Портпаролот на полицијата изјави дека во активностите на терен се повредени околу 70 полицајци, од кои повеќето за време на саботните судири.

Организаторите на протестот тврдат дека во саботата имало околу 35 илјади демонстранти, додека полициските проценки говорат за околу 15 илјади.

Треба да знаете
Последни објави