Преземено од Цивилмедиа.мк
На мултимедијалниот и медиумскиот настан организиран од ЦИВИЛ и интегрираната редакција на ЦИВИЛ Медиа „Перспективи 2023“, кој се организира секоја година, почнувајќи од 2017 година, се вкрстија голем број ставови, коментари и анализи на состојбите во 2022 година и перспективите во 2023 година.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека измината година за неа била навистина динамична особено затоа што ова е нејзиниот прв мандат, а во Министерството, од претходно биле започнати многу процеси и во Армијата коишто, како што вели ја имала среќата да ги продолжи, но биле започнати и многу процеси кои ќе значат подобрување севкупното општествено и пошироко живеење во нашата земја.
-Тоа се клучни проекти од кои бенефит треба да имаат граѓаните. Но како министерка за одбрана не можам а да не искоментирам дека за жал 2022 година ја одбележаа и случувањата во Украина, насилната и неоправдана агресија од страна на Русија и сето она што една војна или еден воен конфликт го предизвикуваат. Северна Македонија, особено Министерството за одбрана во овие моменти се покажа како навистина силен оправдан сојузник во НАТО Алијансата преку поддршката и политичка и неколкуте донации кои се состоеја од воена помош и поддршка со што сакавме да кажеме дека навистина сме на вистниската страна, вели таа за ЦИВИЛ медиа.
Според Петровска имало многу предизвици во Министерството, од она што значи подобрување на условите за работа и подигање на стандардот на припадниците на Армијата.
-Горда сум што преку еден инклузивен дијалог со сите синдикати од областа на одбраната, го предложивме и го донесовме заедно, а Собранието ги изгласа измените во Законот за службата во Армијата, чијашто имплементација веќе започна, а тоа се едни од позначајните постигнувања кои се рефлектираат на припадниците на Армијата. Тука ќе го споменам и успешното оценување од страна на НАТО тимот, но и големата вежба која се случи во земјава, бројни се успесите на македонската Армија и на меѓународен план прекумисиите во кои активно учествуваме, но и преку учеството во разни видови на вежби во рамките на НАТО Алијансата, вели министерката.
Петровска очекува во 2023 година да продолжат со истото темпо на остварување на зацртаните планови и проекти, а она што е особено голем проект кој сакаат многу брзо да го видиме и да се имплементира е предлог законот за вработени во Министерството за одбрана.
-Еден суштински закон кој ќе им помогне на вработените во Министерството да го добијат местото кое го заслужуваат затоа што тие се дел од безбедносниот систем на оваа држава и се разбира во континуитет ќе работиме на имплементација на плановите за модернизација на Армијата затоа што тоа е процес кој мора да продолжи и заради тоа што вложувањето во одбраната е најзначајниот сегмент, додава Петровска.