Потврден е изборот на меѓународниот конзорциум „ИРД Инженеринг” за консултант и надзор за автопатите на Коридорите 8 и 10-д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка” и со тоа, како што објави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, се овозможува брз почеток на изградбата.
– Се надминуваат една по една сите пречки за да започнеме со реализација на најголемиот инфраструктурен проект, Коридорот 8. Државната комисија за жалби по јавни набавки ја потврди правната исправност на постапката за избор на меѓународниот конзорциум „ИРД Инженеринг” за консултант и надзор на работниот процес, отфрлајќи ги жалбите поднесени од двете компании „Хил” и „Ингероп”. Успешното поминување на овој процедурален чекор овозможува брз почеток на изградбата на автопатот, кој е од големо стратешко значење за развојот на земјата и регионот, напиша Груби во објава на Фејсбук.
На 14. минатиот месец ЈПДП информираше дека на тендерот за надзор и правен консултант за изградба на Коридор 8 и Коридор 10-д е избрана понудата на „ИРД Инженеринг” во износ од 1.374.304.070 денари, како и дека се поднесени две жалби од „Хил” и „Ингероп”.
Тоа беше втор тендер за таа намена откако првата постапка беше поништена, бидејќи избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот.
Со овој проект е предвидена изградба на автопатските делници Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола.
За изградбата на автопатите на Коридорот 8, во Буџетот за 2023 година се предвидени 244 милиони евра.
Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.