И по шест години од покренувањето на обвинението за „Титаник 2“, ексдиректорот на УБК кој се гони дека влијаел врз Мендух Тачи за да бидат направени изборни нерегуларности – негира вина пред судот. Него го бранат тројца адвокати, од кои двајца даваа завршни зборови. Тој се приклучи кон тоа што тие го образложија пред судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев.
„Мислам дека моите бранители се осврнаа на сите аспекти. Така што во таа смисла не сакам да се повторувам, ќе останам на тоа што тие го изнесоа. Апсолутно не се чувствувам виновен“, кажа Мијалков.
Немало влијание од Сашо Мијлаков врз Мендух Тачи образложуваше адвокатот Миле Петровски.
„Не само Мијалков, туку и другите обвинети треба да бидат ослободени од обвинение. Нема никаков доказ дека Мијалков го сторил делото кое му се става на товар и треба да биде ослбооден од обвинение. Во недостаток на докази дека Мијалков имал влијание врз Тачи, недостасува елемент на кривичното дело кое му се става на товар што е уште една причина за да биде ослободен од обвинението. Тврдењето дека користел Мијалков свое влијание е конструкција, а не со докази потврден факт.
Во дејствијата на Сашо Мијалков нема основен елемент за делото кое му се става на товар. Стои таму дека се санкционира постапување на одговорно лице, а Тачи не е одговорно лице. Партијата носи колективни одлуки, не ги носи сам одлуките. Не постои доказ дека поради било какво барање од Сашо Мијалков до Мендух Тачи е извршено влијание за противзаконито да сер стекне право Васил Пишев да не учествува во изборниот процес. Бараме од судот да го ослободи од обвинение, со чиста совест можете тоа да го направите, бидејќи нема еден доказ за тоа дека тој а и сите други направиле нешто“, рече Миле Петровски, адвокат на Мијалков во „Титаник 2“.
Љупчо Шврговски, втор бранител на Мијалков во овој судски процес, кажа дека очекувал јавниот обвинител Гаврил Бубевски да го повлече обвинението.
„Навистина не ми е јасно како може да се преиспитува работа на донесена одлука со таква сила (одлука од Управен суд). Зарем јавниот обвинител треба да ја преиспитува работата на судиите? Се работи со замени на тези. Тезата на обвинителот е дека е повредена постапката, Апелација наоѓа дека е повреда на друг член од Изборен законик. Треба да си ја признае грешката да го повлече обвинението или вие да донесете ослободителна пресуда. Јас мислев дека јавниот обвинител ќе го направи тоа. Но сметам дека вие ќе го направите тоа ќе донесете законита одлука“ , рече Љупчо Шврговски.
Претходно обвинителот Гаврил Бубевски побара Сашо Мијалков, Мендух Тачи и поранешните членови на Државната изборна комисија да бидат огласени за виновни.
Во понеделник, по вторпат ќе има првостепена објава на пресудата за „Титаник 2“, а откако еднаш беше укината од Апелација.