Тренерот на кошаркарскиот клуб Панатинаикос, Дејан Радоњиќ, бил нападнат од хулигани во Атина по мечот со Арис во грчкото првенство.
Грчките медиуми јавуваат дека хулигани дошле пред соблекувалната и вербално го нападнале и побарале да ја напушти клупата на тимот од Атина. Панатинаикос во неделата го победи Арис со 96:79, но и покрај ова дојде до судир кој ги изненади сите во клубот.
Навивачите му порачале на Радоњиќ дека тоа е само почеток, а ниту клупските челници не се труделе да ги заштитат тренерот и играчите.
Панатинаикос е на второто место во грчкото првенство со ефект 10-2, додека во Евролигата моментно е на 15. позиција на табелата со седум победи и 12 порази.
Црногорецот Радоњиќ пристигна во Панатинаикос по една од најлошите сезони во историјата на клубот, ако не и најлошата. Во досегашниот дел од сезоната под негово водство „зелените“ остварија седум победи во 19 кола во Евролигата, а во текот на целата претходна сезона во елитното натпреварување имаа девет.
По доаѓањето, на црногорскиот стручњак му беше доверена задачата да изгради комплетно нов тим, бидејќи од претходниот тим останаа само двајца играчи.