Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денеска во Полска оствари средба со шефот на полската дипломатија Збигњев Рау, кој беше претходен претседавач со Организацијата во текот за 2022 година.
На средбата, како што соопшти МНР, Османи уште еднаш оддаде признание за ангажманот и напорите на полското претседавање со Организцијата во 2022 година и тоа во исклучително тешки услови во ОБСЕ регионот, а воедно и изрази благодарност за поддршката од Полска за претседавањето на земјава.
– Како дел од тројката претседавачи, очекувам да продолжи блиската соработка со цел заеднички да ги адресираме предизвиците на Организацијата и да обезбедиме ефикасна функционалност и присуство на ОБСЕ на терен меѓу луѓето на кои им е потребна нашата помош во обезбедување стабилна и безбедна околина во која живеат, потенцираше Османи на средбата.
Пренесувајќи ги впечатоците од посетата на Украина, особено на загрозените подрачја, министрите заеднички ја повторија осудата за агресијата на Руската Федерација врз Украина, потенцирајќи дека таа претставува најтежок чин на кршење на меѓународното право и принципите и обврските на ОБСЕ.
– Колку и да се обесхрабрувачки најновите случувања на теренот, треба да продолжиме упорно да работиме на стопирање на агресијата и на повлекување на руските воени сили од Украина и да обезбедиме простор за дипломатско решение кое ќе обезбеди стабилен и долгорочен мир, потенцираше Османи.
Тој, како што додаваат од МНР, потсети и дека ОБСЕ може да понуди ресурси и механизми за изнаоѓање излез од ситуацијата, како и за ублажување на последиците од војната, потенцирајќи дека сите страни треба да целосно да го искористат потенцијалот на Организацијата.
– Северна Македонија ќе остане да биде гарантор и чувар на принципите и заложбите на ОБСЕ и само со почитување на истите, може да се продолжи со решавање на војната, колку што е можно поскоро, со цел да се намалат страдањата на луѓето. Водени од нашето мото „За луѓето се работи”, наш фокус ќе биде да им се помогне на луѓето и тоа не само во Украина, што е од најголема важност, туку и на другите региони кои се опфатени со влијание од продолжени конфликти, нагласи Османи.
Според правилата на ОБСЕ, министерот за ндворешни работи на Полска како претходен претседавач со Организацијата, во 2023 година ќе претседава со Групата за соработка на ОБСЕ со азиските партнери и воедно е дел од Тројката претседавачи.