Стотици лондонски полицајци би можеле да бидат отпуштени поради сексуални напади и семејно насилство, изјави денеска шефот на лондонската полиција во ек на напорите за враќање на довербата на јавноста откако полицаец од Лондон признал дека е сериски силувач.
Лондонските полициски сили, кои ги потресоа скандали во последните години, се втурнати во уште посериозна криза откако полицаецот Дејвид Керик (48) призна дека извршил 24 силувања во текот на речиси две децении додека бил во полицијата, додека неговите колеги не реагирале на време за да го спречат.
Полицијата пропуштила најмалку девет можности да го спречи. Ако се земе предвид дека офицерот работел во иста единица како Вејн Кузенс, убиецот на 33-годишната девојка Сара Еверард – случај што ја шокираше Велика Британија во март 2021 година – ќе го разбереме нивото на криза што го има Лондон.
Откако Керик се појави на суд, почнаа да се појавуваат и други жртви. Керик често се среќавалсо жени преку веб-страници и во социјални клубови. Некои ги затворал во плакар на приземје од неговата куќа, ги терал на орален секс, извршил анално силување. Во своите пораки ги опишал како робови и проститутки. Ги понижувал жените, ги терал да ја чистат куќата голи.
Скандалот се случи по серијата откритија за сериозни злоставувања во лондонската полиција, која е најголемата британска полиција со повеќе од 43.000 цивилни и униформирани службеници.
Началникот на полицијата, Марк Роули, кој беше назначен пред четири месеци да ја спроведе операцијата, рече дека се водат истраги против речиси 400 полицајци за повеќе од 1.000 поплаки за сексуално и семејно насилство.
Според него, многумина ќе останат без работа.
„Имам десетици илјади одлични мажи и жени, но имаме и стотици кои не треба да бидат во полициските сили. Ќе се справам со тоа“, изјави Роули денеска за Би-Би-Си.
„Ние систематски го истражуваме секој службеник во цивилна облека и униформиран против кој има поплаки, кои биле вклучени во инциденти како семејно или сексуално насилство“, додаде комесарот.