Богојавление – Водици, еден од најсветите денови за охриѓани. Празник со душа, ден кој го чекаат цела година. И неможе да се пренесе со зборови возбудата која жителите на Балканскиот Ерусалим ја чувствуваат на денот на осветувањето на водите во Охридското Езеро, но и денови претходно. Единствено што може е да се дојде и да се почувствува магијата и светоста на овој ден.
Осумдесет и едногодишниот Симон Ѓурчин, охриѓанец, жител на Варош, стариот дел од градот, од својата седма година скока по светиот крст, па до лани секоја година се капел во студените езерски води за Водици. Иако ниту еднаш не го извадил чесниот крст, раскажувајќи за МИА за Богојавленските празнувања, возбудата во неговиот глас за тие мигови кажува колку само му значи празникот. Ѓурчин на јавноста и е познат како охриѓанецот кој традиционално со свечено одело, скока во езерото после чинот на осветување и вадење на светиот крст од среќниот фаќач. Покрај капењето во езерските води со ниски зимски температури, нагласи дека во 74-годишното искуство никогаш не настинал, не се разболел.
– Водици е еден од најсветите наши празници. Седумдесет и четири години се фрлам во водите на Охридското Езеро на 19 јануари. Од седум години почнав. Тоа ни е традиција. Од кога израснав и се оформив како возрасен човек не сум се фрлал и не сум се пријавувал за фаќање на светиот крст, но секогаш сум учествувал. Го немам фатено никогаш. Сум бил многу блиску, но не сум го фатил. Важно е капењето, славата, веселбите…. секогаш сум учествувал, со посебен жар истакнува Ѓурчин.
Во студените езерски води, планирал да се капе до својата 80 година и покрај желбата тоа да го прави повторно, годинава рече дека ќе ги послуша советите на лекарите и семејството и нема да скокне.
– Не сум сигурен. Сакав да завршам со 80 години, годините си го прават своето. Ме караат сите и семејството и лекарите, вели Симон, кој има голема желба да ја продолжи традицијата.
Идејата да се капе во одело, облечен со кошула и машна произлегла од неговата оригиналност да биде поразличен од другите.
– Не знам дали можам да го објаснам тоа. Решив да се капам во одело како некој знак за распознавање, како повозрасен. Така ме знаеа ене го оној со оделото пак скока. Се имам фрлено од пристаниште, од бродовите, од највисокото…, вели нашиот соговорник.
Ниту строгите закони во минатото не ги спречувале во чинот на осветување на водите
Иако во минатото, во времето на комунизот, осветувањето на водите и фрлање на светиот крст за Водици било забрането, сепак, Симон раскажува дека тоа не ги спречувало да ја прекинат традицијата. Честопати добивале и ќотек од полицијата, ама останале верни на традицијата, како што вели, не се плашеле во името на верата.
– Понекогаш беше тешко фрлање, не зборувам за ладно или физички, имаше многу забрани, власта не дозволуваше да се слави. Постарите што беа верници, патриоти, рано наутро во три – четири часот се собираа. Прво го фрлаа светиот крст во голем казан, попот ќе си испееше, ние деца околу казанот, 20, 50, стотици, собрани, борба водевме и го фаќавме. Тој што ќе го фатеше крстот беше голем славеник, наградуван од целиот град, се присетува Ѓурчин.
Иако, вели тој, крстот се фрлал со криење во црква, сепак се наоѓал некој од старите рибари што ќе го земел и со трчање ќе го фрлел во езеро.
– Властите забрануваа да се скока по крстот, забрануваа да се оди во црква. Ние сепак го правевме тоа, верата беше посилна, не правевме зло. Што ќе ни правеа. Одевме масовно. Тие викаа ни даваа ќотек, ние упорно одевме, раскажува Ѓурчин.
И во минатото, како и сега, откако ќе го изваделе светиот крст од студените езерски води се собирале во тајфи од по пет – шест души и групно оделе од куќа во куќа, каде се дарувани од домаќините.
– Секоја куќа едвај ги чекаше да дојдат и генерално ги наградуваа со пари. Нема одредена сума. Луѓето даваат колку што имаат. Инаку се дава и девизи, како кој, различно, но се дава многу, раскажува Ѓурчин забележувајќи на измами од лажни групи, во последно време, кои оделе по куќи претставувајќи се со името на актуелниот фаќач.
Празникот Водици, додава, во Охрид е најсвет ден. Во градот се чувствува посебна атмосфера. По чинот на осветување со нетрпение го чекале фаќачот во домовите, за благослов, здравје, среќа и бериќет.
– Кога ќе дојде дома фаќачот со чесниот крст и тајфата најпрво пред врата почнуваат да ја пеат песната „Во Јордание”, вратата се отвора, пеат до крај им се придружуваме и ние од куќата во пеењето. Следуваат благослови: за многу години, радосни, весели… Ги покануваме внатре и ги пречекуваме со вино, ракија и се што има дома, истакнуава Ѓурчин.
Славењето во минатото забележа дека било со многу голема почит и страст, со верба во Бога. Иако, додаде, дека и во поново време се враќаме на традицијата, со поддршка на црквата.
Невозможно е да се намести фаќачот на крст, Варошани се одлични пливачи и најдобро се снаоѓаат во студените езерски води
Во однос на сомнежите во јавноста дека фаќањето на светиот крст во Охрид е наместено и оти повеќе пати го фаќа ист човек, односно иста тајфа од Варош, тој тврди дека е невозможно да се намести. Според него, Варошани се подобри пливачи и добро го познаваат тој дел од езерото затоа и тие се најчестите фаќачи.
– Невозможно е да се намести, децата се еден до друг. Свештеникотј и да сака да има фаќачите се толку набиени еден до друг што нема можност да го погоди и никогаш не било наместено. Варошани се далеку подобри пливачи, се снаоѓаат повеќе во водата и се случуваше неколку
години по ред исто лице да го фати крстот. Е тука се правеше сомнеж кај луѓето. Нема местење за фаќање на крст. Тие се деца, полупијани се сите, еден над еден се. Во фрлањето летаат таму каде што лета крстот, нагласи Ѓурчин.
Во Охрид се фрла поразличен крст од другите градови, односно тој пропаѓа веднаш и плива на дното, мора да се нурне за да се види и извади.
– Ако не го фатат уште на површина, тој пропаѓа долу. На крстот има дрвце и бело шамивче. Дрвцето го држи крстот да плови, на дното може да падне во муљ и да се изгуби, а вака плови дрвцето и така се наоѓа. Мислам, не сум сигурен дека само еднаш во историјата на Водици е изгубен крст, никогаш повеќе, секогаш се наоѓа, раскажува Симон.
Ден по Водици, Свети Јован Крстител за охриѓани Денот на рибарите
Богојавленските чествувања во Охрид продолжуваат и следниот ден, на Свети Јован Крстител, кај охриѓани познат како Ден на рибарите. На тој ден охриѓани повторно се капат во студените езерски води на плажата Сараиште, а традиционално се фрлаат и буриња со вино, за оној кој ќе го извади бурето со црвено вино следува награда.
– Рибарите сами го измислија тој ден. Почнува со песната „Во Јордание”, фрлаат буриња со вино, а оној што ќе го извади обележаното буре е наградуван. Порано се правеше рибина чорба, рибата ја донираа рибарите. Во времето кога беше забрането фрлањето на крстот за Водици, рибарите го префрлиле честувањето следниот ден и тогаш користеле момент да ги осветат езерските води и да се фрли крст, раскажува Ѓурчин.
Покрај традиционалното капење во одело за Водици, Симон секоја година скокал и на Денот на рибарите, кога имал извадено и буре со вино. Тој ни раскажа една анегдота со поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, кој беше редовен гостин во Охрид за време на Богојавленските чествувања и капач на Денот на рибарите, како му помогнал да излезе со бурето од студените езерски води.
Младите да ја почитуваат традицијата
Нашиот соговорник, на младите им порача да ја почитуваат и негуваат традицијата, која е поврзана со нашата вера. Скокачите пак по светиот крст да внимаваат да не конзумираат алкохол, да се дисциплинирани и да не влегуваат во вода додека не почне пеењето на песната „Во Јордание. – Тие влегуваат половина час порано, ќе измрзнат, ќе се здрват и неможат надвор да излезат, а камоли да стигнат до светиот крст. Свештеникот не го фрла крстот додека не се испее три пат песната „Во Јордание”, советува Ѓурчин, кој е голем почитувач на вековната традиција во Охрид.