Точно е дека скринингот напредува добро. Друга важна работа е спроведувањето на реформите и тука своја улога имаат повеќе чинители, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, кој е во посета на Охрид заедно со други амбасадори од земји членки на ЕУ.
– Прво во однос на скринингот точно е дека напредува добро, а претставниците на властите односно стручните лица се добро подготвени и е процес што добро се одвива и продолжува понатаму тоа се добрите вести. Меѓутоа секако скринингот не е единствената работа, друга многу важна работа е спроведувањето на реформите и тука секако дека играат улога повеќе чинители задолжени за тоа, меѓутоа главната одговорност паѓа врз грбот на Владата, рече Гир.
Реформите, како што нагласи, се набројани во препораките во Извештајот за напредокот на земјата.
– Како што знаете ЕК еднаш годишно објавува Извештај, последниот беше во октомври околу напредокот на земјата и во тој извештај се наброени голем број на реформи. И токму тие реформи се она што треба да функционира и да се спроведе. И преку спроведување токму на тие реформи земјата ќе се упати на патот кон ЕУ, но уште поважно од тоа, голем дел од прашањата за коишто граѓаните ми се обраќаат многу често ќе бидат третирани и разрешени, рече Гир.
За тоа кое прашање е најважно за ЕУ во однос на реформите, Гир рече дека за тоа власта сама треба да одлучи, но потсети на фундаменталните темелни прашања што се отворени до завршување на процесот на пристапување.
– Секако власта треба сама тоа да го одлучи, меѓутоа во рамките на пристапниот процес имаме нешто што се нарекува фундаментални темелни прашања и тие се прашања коишто се постојано отворени од почетокот на преговорите се додека не се завршат. И тие теми, односно прашања, се борбата против корупцијата, односно антикорупцијата, понатаму зајакнување на владеењето на правото, зајакнување на администрацијата и почитување на човековите основни права и слободи, рече евроамбасадорот.
Прашан за уставните измени и што доколку тоа не успее, Гир рече дека верува оти би дошло до некој застој и дека не може да каже што би се случувало потоа. Кога станува збор, пак, за двотретинското мнозинство, евроамбасадорот додаде дека тоа е внатрешно прашање.
– Очекувам Владата сама да го разреши и не можам да се мешам во тие работи затоа што тоа не е во мојата работа, а кога станува збор за уставните измени тие произлегоа од договор за којшто државата се обврза во своите билатерални односи со Република Бугарија, рече Гир.
Таа промена, како што нагласи, е суверена одлука што треба да ја донесе оваа земја. Гир потенцира и дека идентитетот не се губи на патот кон ЕУ.
– Државата има добар историјат на меѓуетнички односи и сметам дека ќе донесе одлука што ќе ги зајакне уште повеќе, без притоа да се поткопа или на некаков начин наруши идентитетот на оваа земја, затоа што идентитетот не се губи на патот кон ЕУ. Меѓутоа бидејќи оваа измена е дел од Договорот којшто беше направен со цел започнување и продолжување со пристапните договори доколку не се направи тоа, верувам дека ќе дојде до одреден застој, а понатаму што би било не би можел да кажам, додаде Гир.