Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во денешното гостување во емисијата „Утрински брифинг” во однос на провокациите од страна на бугарските претставници што овој викенд беа присутни на чествувањето на Мара Бунева во Скопје потенцираше дека неговите ставови се одамна јасни уште од првото интервју за БГНЕС на поранешниот премиер.
„Мислам дека државата треба да го спречи овој феномен и да не дозволи да се раѓаат нови. Ако сме организирана држава тогаш дефакто таквата организирана држава ги лоцира таквите поединци и ги неутрализира, а како се неутрализира? Се удира црн печат во пасошот и се забранува влез во државата. Еве, на пример, обидете се вие тоа да го направите во Бугарија и ќе видите што ќе ви се случи. Но, тука се користи просторот на политичката нестабилност, на функционирање на една слаба влада која стои на стаклени нозе. Политичка клима во којашто всушност сите функционираат по примерот којшто може да докачи додека трае функцијата и да си замине. И таквиот момент на слабоста на државата од ваквите поединци без разлика дали се националисти, повеќе би рекол шовинисти, а многу од нив и веќе потрошени политичари во нивните држави ги користат ваквите моменти за билдање на рејтинг и создавање на непријатно чувство, особено кај нас домаќините. Во сопствена држава ви доаѓа некој и ви вели вие не сте Македонец, Македонија е составен дел на друга држава, ви се отвораат големо бугарски, големо албански, па и големо српски, големо грчки идеи од страна на поединци, а притоа ние молчиме. И нашиот министер за надворешни работи наместо веднаш да упати протестна нота и да се продискутира на повисоко ниво е загрижен и оди како претставник на ОБСЕ во Украина да ја спасува Украина. Украина е голема приказна, голема војна. Дај да видиме што ни се случува тука во дворот, да го спречиме тоа”, рече Димитриевски.
Тој изјави дека молкот од Владата е повеќе од срамен во овој момент.
„Имаше една паушална наменска изјава за контролирана публика од негова страна кадешто рече „со ова нека се занимаваат пониската класа” на политичари додека тие што ја водат високата политика тоа ќе го игнорираат. Срамно, тоа е и мој премиер. Претседателот на државата е и мој претседател, ме претставуваат мене и секој граѓанин на оваа држава и нивниот молк е срамен всушност. Сериозна држава институционално реагира на вакви работи. Замислете што се случи од страна на соседна Бугарија на сите тие претставници коишто доаѓаат, всушност и дефакто се добро координирани со матичната држава. Јас во тој момент бев во соседна Бугарија со семејството на одмор. Пеењето не е провокација бидејќи таа песна со мене заедно ја пееа бугарски пријатели и ја пееше целиот ресторан и ја пееше пејач којшто е бугарин. Состојбата таму е поинаква, имаме во Бугарија, во Србија, како и во останатите наши соседни држави многу пријатели, но официјалната политика е нешто поинаку, особено популистичката политика којашто се презентира преку претставници на одредени националистички партии како што е ВМРОБНД и останатите, но ме загрижува фактот дека она што успеаа Глигоров и Жељев да го зближат помеѓу нашите две држави во изминатите три децении всушност сегашните политички елити го одалечија со километри и километри”, истакна Димитриевски.
Во емисијата, Димитриевски напомена дека Македонскиот и бугарскиот народ е близок, постојат поединци со лични убедувања и тоа се факти на којшто секој им робува.
„Но, дополнително морам да кажам дека имаме многу пријатели, многу блиски контакти, почит од една и од друга страна, голем број на студенти, дополнително, голем број на мешани бракови, многу семејни врски и факт е дека таа наша историја во многу моменти и се спојува треба да се искористи за зближување, но ние имаме наша историја, бугарите си имаат своја историја и тука сме унисони по однос на историските прашања, но како и да е времето лекува се, мислам дека и овие детски работи ќе ги надминеме. Државата мора да функционира, тоа се решава на Деве Баир на граничниот премин, тоа и кога го поминав граничниот премин го разговарав со полициските службеници на граничниот премин. Тие се тие што треба да го решат тој проблем. Не смееме да дозволиме да дојдеме до ниво на влезот на Куманово да пишува забранет влез за Џамбаски или некој друг политичар. Бисер балкански не е шовинистичка песна, таа е фолклорна, народна, македонска песна којашто е прифатена од сите и повторно ќе кажам не беше порачана од моја страна, туку интерпретаторот којшто е бугарин пееше голем број на македонски песни помеѓу кои и Јовано Јованке и останатите убави македонски песни, тоа беше само начин како на еден саркастичен начин да упатам порака до господинот Џамбаски и неговиот колега за нивното недолично однесување”, посочи Димитриевски.
Димитриевски изјави дека не е проблем да се прославува Мара Бунева, убеден дека таа е Македонка и треба да се чествува, доколку се дојдени зошто да не чествуваат, но праша зошто се потребни провокации? Ванчо Михајлов да ми го веете во сред Скопје, денеска во 21 век по сето она што фашистите го направија на овие простори и фашистичка Бугарија. Да поставувате знаци и табли на фашистички соработници ширум Македонија, па видете во мое Куманово имало околу 900тини жртви на фашистичкиот окупатор, да не зборувам за цела Македонија. Факт е дека тоа мора државата да постапува во однос на таквите појави, а не да вели тие да отворат клуб, а ние дополнително ќе сме го менувале законот и ќе сме ги решавале проблемите.