Во моментов состојбата со респираторните болести што циркулираат периодов е стабилна. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ по денешниот состанок информираше дека со цел да се задоволат потребите на граѓаните, Институтот за микробиологија започна со тестирање, а исто така Министерството за здравство ќе достави брзи антигени тестови до сите здравствени институции со цел пациентите да не бидат изложени на дополнителни трошоци.
– Матичните лекари знаат како да постапат во однос на третирање и давање терапија кога е во прашање вирусот на инфлуенца. Ова како дијагностичка процедура во насока на тоа да се утврди дали се работи за КОВИД или грип, ќе им ја олесни работата да знаат која терапија е посоодветна за пациентите, изјави д-р Мехмедовиќ.
Апелираше до родителите да ги вакцинираат децата против морбили, бидејќи како што посочи, процентот на вакцинирани деца е далеку од посакуваното ниво од 95 проценти.
– Можно е да се појави епидемија на морбили, вакцинацијата е задолжителна, а родителите треба да го испочитуваат тоа и да го заштитат здравјето на своите деца, додаде портпаролот на КЗБ и информираше дека во моментов нема потврден случај на морбили, со што е безбедно децата од понеделник да се вратат во училиштата.
Истакна дека до крајот на неделата ќе има резултати од секвенционирањето на позитивните примероци од КОВИД и ќе се знае дали во земјава е присутен сојот „кракен“.