Европската комисија денеска соопшти дека ќе спроведе истрага за државна помош за француската национална железница, поради сомнение дека има кршење на правилата на ЕУ за еднаква пазарна конкуренција.
Истрагата ќе се фокусира на прашањето за финансиската поддршка за државната железница „SNCF”, како и нејзината товарна подружница „Fret SNCF”.
„Fret SNCF” е хроничен загубар, со исклучок на 2021 година. Во периодот од 2007 до 2019 година нејзините загуби ги покривала матичната компанија „SNCF”, се вели во соопштението на Комисијата .
Во тој период „SNCF” им исплатил околу четири милијарди евра што „де факто” претставува државна помош бидејќи е под контрола на француската држава, забележува Комисијата.
Брисел сега планира детална истрага за да утврди дали во иста категорија спаѓа и отписот на долгот и вбризгувањето на готовина од 170 милиони евра од државата во процесот на претворање на „Fret SNCF” во комерцијална компанија во јануари 2020 година.