Мировниот план на Зеленски е апсурден и преговорите со него се невозможни, а Западот води прокси војна со Русија преку Украина за конечно да се реши руското прашање, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на годишната прес-конференција.
-Не може да се зборува за преговори со Зеленски бидејќи тој законски ги забрани преговорите со руската влада, рече Лавров, наведувајќи дека мировниот предлог на Зеленски е апсурден и дека засега нема сериозни мировни предлози, изјави Лаворв.
Според Лавров, Украина не смее да има воена инфраструктура која може да претставува опасност за Русија, што е целта на таканаречената специјална воена операција што Русија ја започна во февруари минатата година.
Лавров ги спомена и воените интервенции на Западот во поранешна Југославија, Либија, Ирак и Сирија.
-Србија се спротивстави на потчинувањето на Балканот на Западот, а што се случи со Србија? Во 1998 година Џозеф Бајден, кој тогаш беше сенатор, побара веднаш да се започне со бомбардирањето на СР Југославија, сите мостови на Дрина да бидат уништени. И само една година подоцна тоа се случи, се сеќава Лавров.
Според него, санкциите против Русија може да се воведат против која било друга земја што ќе одбие да ги почитува американските наредби, а Европската унија ја изгубила својата независност во однос на НАТО.
-Процесот на формирање мултиполарен светски поредок ќе трае долго, тоа ќе биде одредена историска епоха, а ние сме на врвот на тој процес, заклучи Лавров.