Градското пристаниште во Охрид од каде утре ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро и ќе биде положен светиот крст и центарот на градот се празнично украсени во пресрет на Богојавление – Водици.
Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека се поставени и метални огради за безбедно движење на верниците кај пристаништето.
– Јавната чистота е на највисок степен, како што му доликува на Охрид пред одбележувањето на најмасовната црковно-културна манифестација, вели Пецаков.
Јавното претпријатие „Билјанини Извори” соопшти дека утре, на ден Водици јавниот градски паркинг со кој стопанисува претпријатието ќе биде бесплатен за сите корисници.
Паркирањето ќе биде забрането на улицата „Македонски Просветители” до плоштадот „Св. Климент Охридски”.
Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10 часот од градското пристаниште, но доколку временските услови се непогодни, односно според најавите, ако дува силен ветар чинот на осветување ќе се врши од бродот „Армада”.
Капачите, кои сакаат да бидат дел од настанот, своето учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во градов денеска до доцните попладневни часови. Богослужбите во охридските парохиски цркви утре ќе почнат во 7 часот наутро.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски” предвидена е забавна програма со концерт на групата „Чалгија саунд систем”.
Црвен крст Охрид ќе ја одржи традиционалната крводарителска акција во центарот за култура „Григор Прличев”.
Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, ќе продолжат и следниот ден, на 20 јануари на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште” и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.