Постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Алијанса за Албанците има изразено политичка волја која што е „за” европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата, на која заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ информираше за скрининг процесот и следните активности поврзани со ЕУ интеграциите.
Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Северна Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.
– Не е доведено воопшто во прашање владиното мнозинство, бидејќи доколку ги погледнете и јавните изјави на сите политички фактори, пред се тука мислам на пратениците, никој не го доведува во прашање владиното мнозинство, туку се работи за повеќе за внатрепартиска дискусија која се одвива во одредени политички партии, рече Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање околу иницијативата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за „Алијанса за Европа”, премиерот Ковачевски рече дека во нашата држава постојат два концепти. Едниот концепт, како што посочи, е за „Европска Северна Македонија” – концепт во кој што политичките партии кои што го поддржуваат СДСМ – партнерите од коалицијата, ДУИ, Алтернатива, Алијанса за Албанците и други политички партии кои го поддржуваат концептот на пристапување и зачленување на земјата во Европската Унија и кои го поддржаа зачленувањето во НАТО.
– И од друга страна, има концепт на политички партии, тука пред се мислам на Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои што се против членството во НАТО, што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во Европската унија, што сметам дека е погрешен концепт, бидејќи не нуди алтернатива. Дури уште полошо, Левица нуди некаква алтернатива на евроазиска унија, која што во ниту еден случај не е во согласност со определбите на граѓаните на нашата држава, изјави премиерот.
Ковачевски истакна дека вратите се отворени за сите политички партии кои што се за концептот за „Европска Северна Македонија”, односно сакаат да бидат дел од „Сојузот за Европа”.
– Само тоа е патот напред за нашата држава, за да обезбедиме економски просперитет, социјална сигурност и врвно владеење на демократијата и да се исполнат очекувањата на граѓаните кои што ги поставиле пред политичарите пред точно 31 година за независна македонска држава која ќе биде членка на НАТО и на Европската унија, додаде Ковачевски.
Во однос на наводите во медиуми дека постои план на поранешниот премиер Зоран Заев за негова смена од власта, Ковачевски рече дека и самиот Заев ги демантираше тие наводи.
– Прво, јас не сум човек кој што се плаши и тоа сум го потврдил досега. Второ, самиот поранешен претседател на СДСМ ги демантираше во јавноста тие наводи, кои што беа наведени. И трето, сите одлуки кои што се носат во СДСМ се носат на официјалните тела на партијата, раководството, Извршниот и Централниот одбор и сите одлуки кои досега се донесени, се донесени едногласно без ниту еден глас против, рече Ковачевски.