Првите проценки на Европскиот завод за статистика, Eurostat покажуваат дека индексите на цените на земјоделските производи за 2022 година се значително повисоки од 2021 година, за речиси сите главни категории на производи, како и за клучните земјоделски инпути.
Има три двигатели за повисоките цени: војната во Украина, сушата и други инфлаторни притисоци. Според достапните податоци, просечната цена на земјоделските стоки во целост во Европската Унија се зголемила за 24 отсто меѓу 2021 и 2022 година. Најголем раст има кај житарките, 45 отсто, потоа јајцата (43 отсто) и млекото 31 отсто. Сите групи производи поскапеа, а пад забележа само овошјето и тоа од три отсто.
Просечните цени на стоките и услугите што се користат во земјоделството, односно инпутите што не се поврзани со инвестициите, нагло пораснаа. Така, за истата „кошничка“ на инпути е забележан пораст од 30 проценти во однос на 2021 година. Најголем пораст има кај вештачките ѓубрива и подобрувачите на почвата (87 %) и енергијата (59 %).
Житарки, јајца и млеко
Фокусот е на житарките, јајцата и млекото, трите производи со највисок просечен пораст на цените во ЕУ во 2022 година, а најбрз раст е забележан во Финска, Франција и Латвија. Во 2022 година, сушата ја намали достапноста на свежа трева како храна за млечните говеда низ цела ЕУ, и како резултат на тоа, цените на млекото се зголемија. Белгија, Литванија, Унгарија и Латвија забележаа највисока стапка од 50 проценти, додека најниска стапка е забележана во Малта (9%) и Кипар (3%).
Просечните цени на житарките како целина се зголемија во сите земји на ЕУ помеѓу 2021 и 2022 година, движејќи се од 33 проценти во Австрија и Холандија, над 34 во Латвија, до 67 во Унгарија и високи 70 проценти во Финска.
Цените на јајцата се зголемени за шест отсто и во Луксембург, седум отсто во Кипар и Грција. Најголем раст е забележан во Франција (76%), Белгија (74%) и Холандија (68%).