В.д. директор на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев од вчера не е раководител на култната институција откако Град Скопје донесе решение за негова смена, поради завршување на мандатот. Со истото образложение се сменети и в.д. директорите на ЈП „Водовод и Канализација и Зоолошката градина.
Од Град Скопје кусо информираа дека МКЦ ќе добие нов директор по евалуацијата на биографиите за позицијата.
Сепак, во меѓувреме, се огласија и од МКЦ од каде обвинуваат дека се повторно на мета на партиските игри и со сосема поинакво образложение за смената на Богоев.
-Во попладневните часови вчера, постоечкиот В.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев кој е 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири.Бидејќи, сега веќе екс директорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција, рекоа од МКЦ.
Богоев, пак, вели дека „поминал цела голгота“, особено последната недела.
-Денеска ме викнаа да ми го врачат решението за разрешување од функцијата без никакво посебно образложение, освен што е наведено дека заклучно со утре изминуваат шест месеци. Како тоа сега им пречам како директор и не ми продолжија, кога претходно без никаков проблем ми ги продолжуваше мандатот. Или, причина за тоа е што се спротиставив и не играм по нивно, вели Богоев за „Фокус“.
Тој додава дека главните проблеми почнале откако се побунил дека буџетот на МКЦ за една година изнесува два милиона денари (околу 32.000 евра), што според него е срамно.
-Генералниот секретар на Арсовска, Зоран Глигоров, цела недела ми се закануваше со разрешување, ме уценуваше и малтретираше. Што очекуваат да се направи само со два милиони денари буџет за целата програма на Младинскиот културен центар? Оттука почнаа несогласувањата. Јас работам 36 години во оваа институција. Истата таа градоначалничка која на 13 ноември лично на мене ми ја додели 13-ноемвриската награда, за два месеци ме разрешува“, вели Богоев.
Богоев беше на чело на МКЦ точно една година откако градоначалничката, Данела Арсовска го разреши тогашниот директор Русе Арсов, кој си поднесе оставка поради здравствени причини. Градот му поднесе и кривична пријава за организацијата на новогодишниот дочек на 2020 на Плоштад Македонија и настапот на Дино Мерлин, откако Државната комисија за спречување на корупција отвори случај.
Арсов, како кадар на МКЦ стана директор на Центарот во 2018, по осумгодишното директорување во два мандати на Златко Стевковски. Арсов го „преживеа“ Шаќири кој беш еден од кандидатите за директор на МКЦ и во 2019 година, но поради големиот притисок на јавноста, а и по петицијата до тогашниот премиер Зоран Заев, поддржана од 251 граѓани од културно-уметничката сфера Шаќири не дојде на функцијата.
Музичарот за „Фокус” тогаш изјави дека нема за разочарувања.
-Не, секако дека не сум разочаран, тоа е одлука на градоначалникот и треба да се почитува. Дали е исправна или не, треба да видиме, времето ќе покаже… На следниот конкурс повторно ќе си конкурирам, затоа што тоа е мое законско и граѓанско право, но и обврска – ни изјави Шаќири.
Градоначалниката Арсовска, пак, лани коментираше околу изборот на функционери на позициите во градот рече дека нема да има политикантство, па според неа, Бени Шаќири може да биде директор на МКЦ, ако ги задоволи условите на конкурс.
Арсовска и Шаќири беа и во трка за градоначалник на Скопје, а музичарот во вториот круг ѝ даде подршка на сегашната градоначалничка. Арсовска доби поддршка од уште еден поразен кандидат за градоначалник, Петар Георгиевски Камиказа, кој, пак, пред неколку години ја поддржа кандидатурата на Шаќири за избор на директор на МКЦ.
Од МКЦ се сомневаат дека новоназначениот директор ќе ги потпише вработувањата кои Градот ги бара, а потоа да го остави Шаќири за директор без отворен конкурс.