„Ние ќе се држиме согласно законските одредби и во моментот кога парламентот ќе прогласи избори ќе учествуваме како здружение на граѓани”. Ова го изјави денеска градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата „Утрински брифинг”.
Состојбата во државата, тој ја дефинираше како една лимбо ситуација или една општа аморфна маса во којашто секој се наоѓа себе си во одреден дел без разлика дали се работи на позицијата или пак на опозицијата.
„На Македонија и недостасуваат многу работи, првенствено за да се постигне политичка стабилност првенствено треба да обезбедите доволно средства и пари за да го одржите буџетот, бидејќи нашиот буџет генерално се базира на социјални трансфери со кои се купува социјалниот мир на државата. Македонија оди во рамка на банкротирани држави, многу брзо ќе се најдеме таму ако не се изнајде начин за поголема самоодржливост на државата, да се создаде поголем бруто национален производ на државата, да произведете повеќе, да изнесете повеќе, а што помалку да увезете и да создадете дополнителна вредност на самоодржливост”, рече Димитриевски.
Димитриевски истакна дека Македонците ја губат државата секојдневно и тоа мора да се спречи.
„Во Македонецот, кај македонците владее дебела поделба по резултат на политиката. Мора да се стави крај на таквата политика. Па јас не сум непријател со моите политички опоненти, ниту со Ковачевски, ниту со Мицкоски, ниту со кој било друг. Со Ковачевски моите односи се многу поблиски отколку со Мицкоски. Пред некој ден разговарав со Ковачевски, а можеби пред десеттина дена разговарав со Мицкоски. Политиката е дијалог, разговор, убедување, компромис. Јас не можам да имам лоши односи со одредени поединци претставници на политички субјекти, а да сакам да делувам политички и да креирам политики коишто ќе ја подобрат состојбата во државата”, рече Димитриевски.