Маричиќ: Очекувам позитивен извештај за скрининг процесот, со серија задачи што треба да реализираме

Очекувам да добиеме позитивен извештај од Европската комисија за скрининг процесот, но и тој да содржи една серија на задачи што треба да ги вметнеме во патоказите, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференцијата посветена на текот на скрининг процесот со ЕУ.

– Она што го очекуваме е да има позитивна оценка за досегашните достигнувања. Големи прашања се поврзани со новата стратегија за реформи во правосудството, пред се директно со поглавјето 23, изјави Маричиќ во одговор на новинарско прашање дали во текот на скриниг процесот имало забелешки од ЕУ за состојбите во правосудството.

Маричиќ истакна дека при скринингот се добиени прашања околу начинот и резултатите од работата на Обвинителството за организиран криминал, како и конкретни прашања за буџетот и буџетската поддршка во судството, на кои било одговорено од наша страна.

– Морам да признаам дека Поглавјето 23 помина како еден од поуспешните скрининзи. Имавме 40 презентации на различни теми и воопшто немаше дискусија за ниту еден скандал, но имаше длабински прашања за функционирањето на институциите и за резултатите во политиките коишто сами сме ги декларирале и во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал, заштита на правата на малцинствата и заедниците, дискриминацијата и функционирањето на правосудството, рече Маричиќ, нагласувајќи дека на овие прашања не одговарале само претставници на Владата, туку и на судовите, Обвинителството и ДКСК.

Вицепремиерот за европски прашања додаде дека Бугарија до сега нема истакнато никакво посебно барање или прашање во текот на билатералниот скрининг, додека во однос на изборниот модел, истакна дека тој не е дел од скрининг процесот, бидејќи ЕУ тоа прашање го препушта на преференците и политичката одлука на секоја држава.

– Постои само еден аспект за кои се грижи скрининг процесот околу изборите, а тоа е фер, демократски и слободни избори поврзани со препораките и стандардите на ОБСЕ/ОДИХР, истакна Маричиќ.

Тој нагласи дека дел од овие препораки се веќе спроведени со измените на Изборниот законик пред последните локални избори, но дека преостануваат уште оние препораки кои произлегоа од овие и од претходните парламентарни избори.

– Тие треба да се имплементираат до наредните редовни парламентарни избори во 2024 година, додаде Маричиќ.

Треба да знаете
Последни објави