Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, Елена Грујоска Јованова, денеска, присуствуваа на настан по повод завршниот Проект за дигитализација на картотеки на зборови на македонски јазик.
Станува збор за проект, поддржан со буџетски средства, преку кој што се овозможува трајно заштитување и дигитализација на околу 5 милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно богатство. Овие записи со изворни македонски зборови и изрази на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” датираат од периодот на 14 и 15 век. Со проектот овие записи веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари, туку ќе се чуваат во дигитална форма, со што ќе се обезбеди нивно понатамошно зачувување како непроценливо национално богатство.
За овој проект е обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој преку Фондот за иновации и технолошки развој се обезбедени 9 милиони денари, додека Министерството за култура на Република Северна Македонија учествува со финансиски средства во износ од 5 милиони денари. Спроведувањето на проектот траеше од декември 2021 година се до декември 2022 година, а го реализираше Архивскиот дата центар „Инбокс”, во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” и финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој.
Премиерот Ковачевски истакна дека на овој начин, Владата обезбедува континуитет во зачувување на нашите културни вредности.
„Македонскиот јазик е аманет со кој треба да се гордееме бидејќи само преку негувањето и зачувувањето на нашиот јазик и неговата изворна содржина, ќе може да го зачуваме и сопствениот идентитет, за кој се избориле генерациите пред нас, а нам нѝ е оставен како завет од кој не смее да се откажеме.
Како Влада која одговорно се однесува кон зачувување на историските и културните вредности, докажуваме дека и понатаму ќе се грижиме и ќе овозможуваме зачувување и конзервација на нашите идентитетски вредности, кои нѐ прават да бидеме исклучителни во својата уникатност во светската ризница на културни и идентитетски вредности”, изјави премиерот Ковачевски на настанот, изразувајќи големо задоволство од реализацијата на проектот.
Набројувајќи ги проектите на Владата во насока на негување на македонскиот јазик, премиерот Ковачевски потенцираше дека македонскиот јазик денес е официјализиран во ООН и ЕУ.
„Денес, јасно и гласно, во официјални изјави, прецизно се употребува терминот „македонски јазик” којшто е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици во Европската Унија, за што прв доказ е договорот ФРОНТЕКС. Почетокот на преговорите со ЕУ и со тоа преводот на целокупното европско законодавство на македонски јазик е конкретното признание на македонскиот јазик што го очекувавме – и осигуравме.
Носејќи државнички одлуки, го обезбедивме и европското и светското признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, со што верувам би се гордеел и нашиот ценет Конески”, рече премиерот Ковачевски.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, го потенцираше значењето на реализацијата на проектот.
„Со овој комплексен проект, кој се реализираше со средства на Министерството за култура и Владата преку Фондот за иновации и технолошки развој, направивме еден историски зафат за да спасиме непроценливо богатство. Заштитени се обемни картотеки од различни области на македонскиот јазик, дигитализирани се 12 збирки, создадени се 425 микрофилмови, преку кои е зачуван целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик. Со дигитализацијата се овозможи секој запис од картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” да се најде во дигитална форма и да се создаде копија од оригиналот”, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.