Надал: Ќе излажам ако речам дека не сум психички скршен- уморен сум и фрустриран

Како бранител на титулата не сакав да се предадам, изјави шпанскиот тенисер Рафаел Надал по поразот во 2. коло на Австралија опен од Американецот Мекензи Мекдоналд со 4-6, 4-6, 5-7.

Бранителот на титулата и рекордер по бројот на освоени Грен слемови, се повреди на крајот од вториот сет, по што побара лекарска помош. Во преостанатиот дел од мечот имаше проблеми со движењето, но сепак го заврши мечот и по два часа и 31 минута мораше да ја признае супериорноста на 27-годишниот Американец, моментално 65. рангиран во светот.

„Не можев да удрам со бекхенд и да трчам, но сакав да го завршам мечот. Како бранител на титулата, не сакав да се предадам. Забележав нешто со мојот колк пред некој ден, но ништо како денес. Имам историја на проблеми со колкот кои ме принудија да се лекувам во минатото. Уморен сум и фрустриран бидејќи најмногу сум на лечење на мојата кариера. Но, секогаш сум го прифаќал. Не, можам да кажам дека не сум психички скршен затоа што би лажел. Изгубив и нема што да додадам повеќе, можам само да му честитам на противникот, рече Шпанецот на прес конференција.

Двојниот победник на Австралија опен (2009, 2022) беше далеку од своето препознатливо ниво и пред повредата. Откако пристигна во Австралија, каде што ги загуби и двата сингл на Купот на Јунајтед, никогаш не ја најде вистинската игра.

За Шпанецот, кој во кариерата освои рекордни 22 Грен слемови, ова беше најраната елиминација во Мелбурн од 2016 година, кога беше елиминиран во првото коло во пет сета од Фернандо Вердаско.

„Ова е спорт, не е важно колку можности имаш, треба да дадеш се од себе до самиот крај. Тоа е филозофијата и суштината на самиот спорт. Јас се држам до тоа во текот на мојата кариера“, рече 36. годишниот Шпанец.

Засега не е познато колку е сериозна повредата.

„Тешко е да кажам што точно имам додека не одам на магнетна резонанца. Не знам дали проблемот е во мускулите, дали е во ‘рскавицата… Се надевам дека не е нешто премногу лошо што ќе ме оддалечи долго време, истакна тој.

Во текот на својата кариера, Надал освои рекордни 22 Грен слем турнири, 14 пати на Ролан Гарос. Четири пати го освои УС Опен и по два пати на Австралија Опен и Вимблдон.

Треба да знаете
Последни објави