На 25.12.2022, порталот Нетпрес објави сензационалистички наслов „Министерката Цаци станува шланг“ со наводна фотографија од министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Во веста се тврди дека „Петровска секое утро вежба во фитнес салата Кан во скопско Козле“, која „отвора само за министерката Цаци“.
На крајот на текстот објавен во рубриката „Македонија“ стои дека „Рубриката е наменета за политичка сатира и веста не треба да се земе за вистинита“. Но, рубриката „Македонија“ не е рубрика за сатира, туку рубрика за вести од Македонија.
Слична содржина беше објавена и во рубриката „кромид“ на порталот „Хроника.мк“ и се ширеше на социјалните мрежи од анонимни профили.
Во написот „Кромид-вест сервирана како вистинска вест дека министерката Петровска оди на фитнес“ од 27.12.2022, Цивил медиа го оцени случајот како „разработена шема на партиската пропагандна машинерија“.
На 6.01.2023, и Вистиномер објави дека и на Фејсбук „Преку лажна фотографија се манипулира дека министерката Петровска оди на фитнес и злоупотребува службено обезбедување“, и потврди дека „фотографијата која е споделена во постот нема никаква врска со министерката за одбрана“.
Не е првпат да се користат лажни вести маскирани како „сатира“ за вакви напади кон министерката Петровска на социјалните мрежи. Сличен напад беше документиран од проверувачите на факти и во септември 2022 година.
Токму затоа, и овој пропаганден напад кон министерката за одбрана го оценуваме како уште една дезинформација, чија цел е поттикнување негативни коментари кон Петровска на социјалните мрежи и намалување на довербата во институцијата што ја претставува.
Извор: СМК