Западните медиуми за неочекуваната оставка на премиерката на Нов Зеланд

Неочекуваната објава за оставка го означи крајот на петгодишниот мандат на новозеландската премиерка Џасинда Ардерн, која доби меѓународна пофалба за нејзиното емпатично лидерство за време на неколку кризи.

Во услови на притисоците поради зголемените трошоци за живот и зголеменото незадоволство во јавноста, нејзината популарност неодамна почна да опаѓа во корист на главната конзервативна опозиција пред општите избори следната есен, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Ардерн (42), која како премиерка на Нов Зеланд стана глобална либерална икона, но се соочи со зголемени политички предизвици пред претстојните избори, на 19 јануари ненадејно објави дека ќе се повлече од функцијата лидер на земјата, пишува Њујорк Тајмс.

Во емотивниот говор во новозеландскиот град Напиер, Арден рече дека таа лично не се чувствува подготвена да заврши уште еден мандат и дека ќе се повлече до 7 февруари.

– Се надевам дека ќе ги оставам Новозеланѓаните со верувањето дека можете да бидете љубезни а воедно и силни, емпатични, но решителни, оптимисти, но фокусирани…дека можете да бидете лидер на вој начин, лидер кој знае кога е време да замине, истакна Ардерн во емотивната објава.

Ардерн стана премиерка во 2017 година и извојува историска повторна победа во 2020 година, во голема мера благодарение на одговорот на Нов Зеланд на пандемијата на Ковид, кој им овозможи на жителите да живеат главно нормални животи за голем дел од здравствената криза..

Сепак, нејзината Лабуристичка партија оттогаш драстично падна во анкетите поради економските проблеми и забележаниот пораст на насилниот криминал што придонесе за чувството на незадоволство, наведува Њујорк Тајмс. Во декември поддршката за лабуристите изнесуваше 33 отсто, во споредба со 38 отсто за централнодесничарската Национална партија, предводена од Кристофер Луксон. Сепак, Ардерн остана лично популарна кај гласачите, вели весникот, додавајќи дека таа редовно е на врвот пред Луксон во анкетите како „омилена премиерка” на повеќето Новозеланѓани.

Набргу по нејзиното неочекувано доаѓање на власт како најмлад премиер на Нов Зеланд во последните 150 години, Ардерн, пишува Њујорк Тајмс, стана нешто како глобална славна личност, особено затоа што претставуваше добредојдена алтернатива на политиките што ги застапуваше тогашниот американски претседател Доналд Трамп. .

Кој и да го заземе местото на Ардерн ќе се соочи со големи предизвици во наредните месеци, оценуваат аналитичарите.

Ардерн се соочи со серија кризи во текот на пет и пол години како премиерка, од кои најпознат е терористичкиот напад во март 2019 година на две џамии во Крајстчрч, кога напаѓач уби 51 лице, потсетува лондонскиот весник Тајмс, додавајќи дека нејзиното сочувство со жртвите и безбедно справување со последиците ја направија лидерка која стекна популарност во целиот свет.

Подоцна истата година, во декември, таа повторно ја покажа својата длабочина на чувствата во лицето на трагедијата кога 22 лица загинаа во вулканска ерупција на Вајт остров.

Сепак, додава Тајмс, иако Ардерн имаше силна поддршка за време на пандемијата на Ковид-19, нејзината популарност опадна со текот на времето бидејќи се бореше со опаѓањето на довербата во владата, влошената економска ситуација и повторното заживување на конзервативната опозиција.

Некои аналитичари сметаат дека кој и да ја преземе премиерската функција ќе работи во многу тешки услови до општите избори на 14 октомври. Политичкиот аналитичар од Универзитетот Викторија во Велингтон, Брајс Едвардс, смета дека оставката ја поштедила Ардерн од „понижувачки изборен резултат во октомври”.

Брајс, исто така, оцени дека заминувањето на Ардерн е „нешто како самоубиствена мисија” за лабуристите, испраќајќи силна порака дека дури и премиерката не верува дека нејзината влада може да победи во октомври.

Веста за оставката на новозеландската премиерка беше толку изненадувачка што Ардерн мораше да ги отфрли сугестиите дека се обидува да спречи каков било скандал или дека се повлекува бидејќи нејзината партија заостанува во последните анкети.

Ардерн им рече на новинарите дека ќе биде пратеник до април и дека со нетрпение очекува да поминува повеќе време со своето семејство, наведува весникот, додавајќи дека таа, исто така, ги отфрлила шпекулациите дека би можела да преземе висока функција во Обединетите нации, велејќи дека е фокусирана на служење на својата земја и партија, а не на својата кариера.

Ардерн, пишува Вашингтон пост, доби пофалби за нејзиното мирно управување со пацифичката нација низ низа големи настани и кризи. Додека списанието Атлантик во 2020 година ја опиша како веројатно „најефективниот лидер на планетата”, во последно време, сепак, локалните чувства кон нејзината администрација се влошија.

Полициските извештаи покажуваат дека заканите упатени кон премиерката Ардерн се речиси тројно зголемени во последниве години, посочува весникот, додавајќи дека таа, исто така, од време на време бил мета на мизогинско злоставување.

Претстојните избори најверојатно ќе се фокусираат на економијата и трошоците за живот, ги пренесува весникот оценките на аналитичарите, од кои некои не ја исклучуваат можноста Лабуристите да имаат подобри резултати откако Ардерн ќе ја напушти власта.

Според весникот, Ардерн се обидел да оди по жица во надворешната политика, балансирајќи меѓу најважниот безбедносен партнер – САД и Кина, која е најголемиот трговски партнер на Нов Зеланд. Сепак, минатата година таа призна дека „разликите” меѓу нејзината земја и Кина стануваат „сè потешко помирливи”. Тој однос, заклучува Вашингтон пост, ќе биде тест за следниот премиер.

Треба да знаете
Последни објави