Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Будимпешта ја критикуваше Европската Унија која, како што рече со извинување за изразот, кон своите членови се однесува „како да сме ретардирани“.
Тој го кажа ова потсетувајќи на писмото на потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел, кое го испрати до Загреб пред еден месец.
– Пред еден месец Борел испрати писмо до Хрватска полно со лаги, во кое не третира како да сме ретардирани. Се извинувам за изразот, како да имаме посебни потреби. Да ни биде невозможно симболично да бидеме присутни во мисијата на Алтеа во Босна и Херцеговина. Се трудам да бидам љубезен, но во одреден момент треба да кажеш доста- изјави Милановиќ.
Појаснувајќи, Милановиќ рече дека тоа е кога дете со пречки во развојот напладне ја прашува мајка си дали може да излезе надвор, а таа му вели дека не може бидејќи се стемнува.
– Детето го прифаќа тој одговор. Хрватска не е тоа дете. Таквиот однос е длабоко иритирачки. Денес е Унгарија, утре ќе биде поголема земја што ќе треба да се стави во ред. Тоа беше и Полска до вчера. Денес, поради околностите во Украина, тие се одлични. Утре пак ќе им дојде редот, изјави Милановиќ.
Тој се осврна и на неговата изјава за посредничка војна која предизвика многу реакции во јавноста откако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го пофали.
– Кога велам дека тоа е „прокси војна“, односно посредничка војна во која единствената вистинска жртва е Украина и дека на маса треба да седнат само Вашингтон и Москва, тогаш ги цитирам зборовите на актуелниот украински министер на одбраната кој рече дека НАТО се бори со украинска крв против Русија. Но, нема слух за тоа. Нема да дозволам да не претворат во мало куче во глутница што само оди и лае, рече Милановиќ на заедничката прес-конференција со унгарската колешка Каталин Новак за време на неговата прва дводневна посета на Унгарија по изборот за претседател на Хрватска. .