Eвидентна е родовата нееднаквост во европскиот филм во 2021, каде само еден од пет филмови е режиран од жена, а и македонскиот филм не може да се пофали со подобри бројки.
Во нашата земја, од 2017 до 2021, само 15,3 отсто од филмовите биле направени од режисерки. Само еден од петте филмови премиерно прикажани во кината во 2020 и 2021 година бил режиран од жена.
Ова се дел од заклучоците на истражувањето на Лабораторијата „Жени на кино” од Франција во соработка со Европската филмска опсерваторија, објавено кон крајот на изминатата година во кое за првпат се објавени и податоци за нашата земја, односно статистички податоци за положбата на жените автори како и активности за борба против родова стереотипизација, преку Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Дека жените режисерки добиваат помалку јавни средства, работат со пониски буџети, а нивните филмови имаат пократка дистрибуција; сепак, нивните филмови често се уметнички поуспешни и финансиски поефикасно се произведуваат, беше потврдено и на последниот Форум на мрежата на креативни филмски градови на УНЕСКО на тема „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми” што неодамна се одржа во Битола.