Руски шпионски брод патролира во близина на брегот на Хаваите, но засега останува во меѓународни води, соопшти денеска Пентагон.
Иако појавата на руски брод за набљудување долж американскиот брег не е невообичаена, овој привлече поголемо внимание поради зголемените тензии меѓу САД и Русија поради инвазијата на Москва врз Украина и прикриените закани за употреба на нуклеарно оружје, пренесе Бета.
Американската крајбрежна стража го следела бродот за надзор „Карелија” од класата „Вишна”, кој пловел во близина на Хаваите во последните неколку недели.
– „Не можам да зборувам зошто Русите пловат со бродот во моментов. Ова е некако несигурно време, рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Таа додаде дека крајбрежната стража сè уште го надгледува бродот, кој се наоѓа во меѓународни води.
– Не видовме никакво непрофесионално однесување и очекуваме Русите да дејствуваат во регионот во согласност со меѓународното право, рече Синг.