Во хидроелектраната „Шпилје” кај Дебар, која е дел од хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим” минатата година се произведени над 224 илјади мегават часови електрична енергија.
-Минатата година се произведени 224.145 мегават часови електрична енергија, што претставува 94,8 отсто од планираните 236.434 или 86,7 отсто во однос на произведените 258.368 мегават часови во 2021 година, потврдија за МИА надлежните од ЕСМ.
Просечниот дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро” до 17 месецов, како што истакнуваат, изнесува над 20 кубни метри вода во секунда (370 мегават часови) од Црн Дрим (ХЕ “Глобочица”) и над 15 кубни метри вода во секунда (250 мегават часови) од локален слив.
-Во акумулацијата има резерва на вода за производство на 11.800 мегават часови електрична енергија. Котата на Дебарско Езеро изнесува 566,8 метри надморска височина. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580, а минималното е 560 метри надморска височина, посочуваат од ЕСМ.
ХЕ „Шпилје” која првите киловат часови ги произведе на 4 ноември далечната 1969 година, во изминатиот период потврди дека претставува значаен извор на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем.
Средното годишно производство е 275 илјади мегават часови електрична енергија, а максимално годишно производство е забележано во 2010 година, кога беа произведени 519 илјади мегават часови.